09 декември 2006

Нимфа

Цитат од конкурсот на Темплум:


На второто место се наоѓа, нам (веројатно, и вам:) познатата блогерка She. Нејзиниот расказ, „Нимфа“ е можеби подобро конструиран и попрецизен, но поради „неактуелноста“ на темите го загуби првото место. Можеби некој ќе рече дека тоа е неправедно, зашто расказот на She содржи митски и архетипски вредности, кои не можат да се окарактеризираат или позиционираат временски и просторно. Расказот на Ши нèподучува на многу нешта, упатувајќи ни суптилни пораки за животот, љубовта и посакувањето преку еден бајковиден, фантазмагоричен свет на митски суштества и анимистички релации кои се, можеби, антропоморфни, но секако делуваат автентично,  во што е силата на овој расказ.


9 Декември, 2006 - 17:53

Дријада беше една обична нимфа кojа беше заробена во тело на стаорец поради клетва фрлена за некoj грев на нejзините родители. Откако знаеше за себе живееше во едно дабово дрво во средината на централниот градски парк и не се дружеше многу со другите стаорци бидејќи знаеше дека е подобра од нив. Останатите нимфи го мислеа истото за неа како таа за стаорците, така што таа не се вклопуваше во ниту еден од двата круга.
Секоја вечер таа излегуваше на ливадата покрај езерото и се дружеше со Месечината, уживаше во нејзиниот отсјај во водата и се капеше во нејзините зраци додека чепкаше по ѓубрињата што ги фрлиле туристите во текот на денот. Тоа го правеше целиот нејзин живот и никогаш не се надеваше дека некој ќе ја препознае нејзината вистинска душа, токму поради тоа што уживаше во друштвото на Месечината. Покрај неа се чувствуваше среќна и сигурна, нејзините ноќи беа исполнети со љубов бидејќи знаеше дека Месечината сјае токму за неа и за никој друг.
Една ноќ, после нејзиниот дваесет и некој роденден, толку многу се заигра со Месечината што не ни почувствува кога заспа на брегот наместо да се врати во својот даб како и секоја ноќ пред муграта. И тогаш, за прв пат се запозна со полниот сјај на Сонцето, изворот на делумната светлина што и’ ја посветуваше Месечината. Беше вчудоневидена како некој може толку да ја сака за да може толку да ја грее, да ја милува толку убаво по нејзиниот грб, како да не приметува дека нејзиното крзно е толку грдо. Го помина целиот ден покрај езерото капејќи се без грижа, трчајќи меѓу луѓето и трошките кои ги фрлаа и за кои гулабите се тепаа. Не и’ беше грижа за ништо, беше воодушевена од новиот свет кој го запозна благодарение на Сонцето. Вечерта не можеше а да не и’ се придружи повторно на Месечината, која отсекогаш била толку нежна спрема неа. Но, овој пат додека Месечината ја допираше со нежните зраци, Дријада мислеше на Сонцето и неговата силна топлина. Во муграта наместо да се повлече во својот даб, остана покрај езерото и со нетрпение го чекаше него, додека Месечината полека заоѓаше зад дабовата шума.
Ја љубеше Месечината, а се заљуби во Сонцето. Со денови не спиеше, ги сакаше тие два вечни извори на светлост, толку блиски и толку различни. Но набрзо почна да чувствува умор. Нејзината љубов беше бескрајна, но нејзиното тело не беше бесмртно. Знаеше дека не може да продолжи без сон. Не сакаше да си признае, но знаеше дека мора да избира. Со солзи на очите во муграта реши да не го чека повеќе Сонцето и отиде во својот даб. Но, наместо да ја стигне сонот кој ја бркаше толку долго време, таа продолжи да плаче слушајќи го веселиот џагор што се слушаше од паркот. Плачеше од дното на душата, плачеше за Сонцето, за Месечината, плачеше за неа и својата судбина. Откако надвор се' стивна, полека се извлече од нејзиното дрво. Знаеше дека Месечината нема да се појави уште некое време, па полека се одвлечка до езерото и се погледна во него. Водата беше необично мирна, и таа зачекори во неа, полека. Плачеше како да и се одзема животот, губеше здив по здив.
Сфати дека Месечината е дел од Сонцето, а дека за неа и Сонцето некогаш ќе и стане Месечина. После долго време поминато под вода, таа реши никогаш повеќе да не излезе на површината.. за никогаш да не мора да избира меѓу нив. Солзите се сврзуваа со капките, како што почна да се сврзува нејзиното тело со езерото... и таа повторно се претвори во нимфа! Клетвата на Дријада беше конечно скршена. Оттогаш беше позната како Лимнада - езерската нимфа која се заколна никогаш повеќе да не љуби.

19 ноември 2006

Приказни од Барселона

19 Ноември, 2006 - 14:59
(5) Приказни од Барселона
* * *

Петок вечер, огромен бар со најлошата сангрија што кога и да било сум ја пробала, во кој, само од нашата група, бевме собрани педесетина души. Сите пиеја и пееја, група свиреше традиционални шпански песни специјално за нас, а јас бев единствената која не уживаше целосно во атмосферата. Нервозна, отидов кон првиот од организаторите што го сретнав, еден од позгодните дечки во групата.
„Амат, дали има некој супермаркет во близина?“ прашав љубезно.
            „Зошто? Не може сега да се делиш од цела група“ ми одговори.
„А, ќе има супермаркет на пат кон клубот?“
„Најверојатно да. Зошто ти е?“
„Морам да одам до супермаркет. Ако треба ќе почекам, но морам да одам... да купам нешто“ го стишив гласот „знаеш...“ и свртев со очите.
„Ааа...“ се насмеа. „Мислам дека има еден тука во близина“ ме фати за рака и ме повлече надвор. Таму стоеја уште некои организатори и учесници. На прашањето каде одиме, тој само одговори дека ќе бараме супермаркет, а сите мислеа дека одиме негде „на само“.
Супермаркетот зад аголот беше затворен и кога видов направив очигледен потег на разочараност и за малку што не заплакав. Во тој момент, поминуваше патролна кола, а Амат се потпре на неа и праша дали има негде во околината отворен супермаркет. Она што разбрав од каталонскиот беше дека се е затворено и во околината нема ништо. Во тој момент забележав на совозачкото седиште дека се наведна женска – цајканка; ме погледна, го праша нешто Амат, потоа излезе од колата, сврти цел круг од предната страна на колата придржувајќи го пендрекот на појас и ми пријде. Застана блиску до мене, погледна наоколу и кога виде дека Амат се оддалечил ме праша „Ти треба тампакс?“
Амат и Месечината ми беа сведок дека во тој момент бев најзасрамената личност што било кога постоела. „Да...“ пром’млав, се смеев неверувајќи во каква ситуација се наоѓам и се молев земјата да се смилува на мене и да ме голтне во тој момент. Таа сврте зад колата, го отвори багажникот, го најде нејзиниот несесер и дилерски ми подаде два. „Земи, ќе ти се најдат“ ми рече. Со истиот тон како тоа „да“и се заблагодарив и уште поскришно ги пикнав во ташна. Кога се свртев Амат се газеше од смеење, примети дека го гледам и се потсмири. Јас веќе брзав кон барот смеејќи се усрамена, тој проба да ме следи и во одењето ме праша „Се е во ред?“
„Да“ се смеев и поцрвенев уште толку.
„Уживај, тоа е нормална работа“ одговори и пак почна да се смее.

* * * 

            Тие последни неколку дена почнавме да спиеме насекаде – во ресторани, во метро станици, на концерти. Препекани за одмор отидовме во паркот Сиутадела. Таму по повод празникот се одржуваше концерт, имаше жонглери и целиот народ од градот беше испоседнат по тревниците.
            Ме разбуди некое чудно чувство на лицето, замавнав со раката и фатив тревка. Кога ги отворив очите две раце трева се истурија на мене, а потоа и понатаму тревата продолжи да паѓа.
„Симонееееее... ааа....“ зацимолив. „Ама те молам остави ме да спијам! Те молаааам...“ очајно со смеење го молев да ме остави на мира, а тој се смееше и продолжуваше да го прави истото. Тогаш се решив, станав и со сета сила го нападнав огромното човечиште од Рим.
„Дон Ричарди, кога убаво те замолив да ме оставиш да спијам... сега си заслужи!“ му за’ржав.
Зедов со раце да го давам, а Влад се смееше и сликаше од разни агли. Кога видов после некое време дека за фотографот веќе не е интересно, се откажав од давењето и си се спружив на тревата, а Симоне почна да малтретира некој друг.
Низ трепавици го забележав Влад како повторно лови добри слики. Петра спокојно спиеше на тревникот посеана со првите есенски лисја. Беше завиткана во марамата на Тини, со испружена рака под главата. Русата коса и беше зафрлена наназад, а големата алкаста обетка падната на образот.
Испадна една прекрасна фотографија.

* * *
10 коментари | за печатење | прати по e-mail | 629 пати прочитано | 3 trackbacks   #
6 Ноември, 2006 - 01:40
(4) Приказни од Барселона

* * *
На пауза од плажа отидовме на ручек. Се беше во принцип на самопослужување – земаш послужавник, го ставаш на шини, ставаш храна и го туркаш понатаму. Откако го наполнив мојот со паеља и останати додатоци, седнав на една од огромните долги маси. Околу мене веќе беа пополнети сите седишта и се правеше муабет за руси и црни девојки.
„Во принцип, русите сакаат црни и црните - руси“ тврдеше русиот Рејнхолд. „Секогаш го сакаш она што го немаш, а кај нас нема црни девојки“ продолжи.
„Да, јас, пак, сакам руси“ се надополни црномурестиот Серхио „Всушност, сите ми се исти, само да се добри“ досетливо додаде и се насмеа.
„Не знам“ се надоврзав „Јас сум црна и не сакам руси дечки“
Рејнхолд беше шокиран „Зошто? Им фали нешто?“
„Не бе, едноставно сакам црни дечки“ му дообјаснив.
„А некој ако е ептен убав?“ ме допраша.
„Види го сега... можеби, не знам. Ама преферирам црни.“ се заинаетив.
Рејнхолд молчеше и со вилјушката ја префрлаше паељата од едно на друго место во чинијата.
„Размисли, некогаш можеби ќе откриеш дека грешиш“ тивко рече и кога виде дека не сум заинтересирана за јадењето, додаде „Ќе го јадеш месото?“
„Не, повели“ му реков и го префрлив големото парче кај него.
„Фала.“ рече и продолжи да јаде.
„Ако сакаш, земи и од оризот“ му предложив, а тој само одмавна со главата.
Дотогаш, другите веќе беа почнале да зборуваат за одење назад на плажа.

* * *

„Салва!“ му реков.
„Сандра!“ ми рече.
Два-три дена, тоа беше единствениот наш разговор. Колку и да беше глупаво, ми беше интересно.
Помина пак покрај мене.
„Салва!“ му реков. Се сецна и се врати назад. Кога виде дека сум јас се насмевна, ми рече „Сандра!“ и продолжи понатаму.
Отидовме во џез бар, свиреа некој бенд од внатрешноста на Шпанија, очигледно доста популарни. Салва носеше маица со натпис „рокер инсајд“. „Салва-Сандра“ муабетот веќе го искористив.
„Салва!“ се сврте и пред да ми зборне го прашав „Која боја ти е четката за заби?“ Не беше зачуден и мртов сериозен ми одговори „Имам две, една за кога патувам и една за дома. Таа со која патувам ми е сина, а другата е автоматска на батерии за мрзливи луѓе – црна со зелени вонземјани.“
Кога се изнасмеав, ми дообјасни дека ја добил гага од мајката на некој другар што била стоматолог. Се смеевме задоволни за нашиот прв муабет.
Во книгичката што на заминување ја читав во авионот, ми напишал:
„Сандра! Фала за сите тие долги разговори што ги имавме за време на БЕСТ инженерскиот натпревар. Изгледаме супер во црно/бело (Панос штотуку не’ сликаше).
Некој ден ќе ти пратам слика со моите ’вонземјани’ :)
Салва.“

* * *
                Стигнавме до плоштадот Рејал.
„Океј, дечки. Слушајте ја задачата: ’Да се дознае кој ги дизајнирал лампите на плоштадот’...“
По еден краток поглед на канделабрите извикав „Па овие се на Гауди!“. Серхио како организатор потврди.
„Јеее! Океј, продолжувам! ...’и да се научи детска каталанска песничка, да се пее и да се игра’.“
„Оу, шит. Кај ќе убедиме сега некој да ни пее детски песнички?“ извика Ѓуро.
„Мора да бараме, ајде!“ врати Петра.
Прашај едни – туристи, прашај други – пак туристи. Прашавме едни старци што седеа на клупите, а тие пола саат се убедуваа кој од нив најдобро пее за да не научи. Се откажавме од нив и отидовме кај полицајците што патролираа наоколу.
„Извинете, може да ни помогнете?“ Не гледаа намќоресто. „Играме игра што се вика ’Сити Рели’. За дадено време мора да одиме на одредени места низ Барселона за да ги запознаеме, а патем да одговараме на прашања и да исполнуваме задачи за поени. Е, тука, на плоштадов, задачата ни е да најдеме некој да не научи типична детска каталанска песничка...“
Нивните лица се разведрија.
„Уф, кај не најдовте? Не сме од Каталонија.“ одговори едниот.
„Чекај, нели имаше една...“ после кратко мислење се заинтересира другиот и почна да пејуцка  „Тан тана нан тан, тан тана нан тан...“
„Да, да, одеше некако... Бајжан нан тан, тан тана нан тан, уна ноја, уна ноја, тан тана нан тан тан, ун гато и ун тан тан... Да, да!“ се потсети првиот.
„Може да ни ја напишете? Колку да разбереме?“ прашав и му тутнав лист и пенкало во рака.
„Да, нема проблем“ и почнаа да пишуваат со меѓусебни консултации.
„Дечки, бидејќи нема игра песничкава, дај да ја играме ’Ринге, ринге, јаја’, може?“ не праша Јеја од Хрватска.
„Еј, супер!“ довикна Ѓуро и на брзинка и објасни на Унгарката како се игра. Кога полицаецот заврши со пишување, го замоливме уште еднаш да ни ја испее. Си ја потпевнавме сите со него, колку да ја научиме мелодијата.
„Ок, фатете се за рака, еве го текстот ќе го држам. Сите... ајде, почнуваме!“ реков.
„Серхио, снимај!“ викна Јеја.

17 коментари | за печатење | прати по e-mail | 622 пати прочитано   #
24 Октомври, 2006 - 17:39
(2) Приказни од Барселона
 * * * 
            Секогаш кога ќе ме прашаа од каде сум и кога ќе го слушнеа одговорот, потврдно климаа со главата, но знаев дека врска немаат каде се наоѓа Македонија. Некој ме праша како е во мојата земја, како се живее. Инспирирана од една реченица на моја другарка, одговорив дека се живее добро. Дека 80% од луѓето користиме слонови за превозно средство (копирајт за другарка ми) зашто е поефтино да ги храниш нив со трева отколку да плаќаш бензин и дека останатите 20% возат автомобили, ама претежно тоа се богатата класа.
 
            „Секој има точно по едно дете и тоа ќерка, која го наследува слонот како мираз. Без слон, девојка не може да се омажи, додека од кај дечкото даваат само колиба. Да, да. Живееме во колиби од по една соба, но доста се пространи. Кај мене во иста соба спиеме моите родители, сестра ми, баба ми и дедо ми. За спиење мачката ја пуштаме надвор, но таа секогаш наоѓа отвор во ѕидовите за да ни се придружи, посебно во зима.
 
              Значи слонот е за мене, а сестра ми ќе работи некаде како чистачка кај богаташите и нема да може да се омажи. Жал ми е за неа, па размислувам да се откажам од мојот слон во нејзина корист.
 
               Возовите во Македонија се составени од десетина слонови, споени со сурла-опашка синџир. Така стигнав до Словенија, па потоа фатив нормален воз кога доаѓав наваму, во Европската Унија. Во Словенија купив и некои алишта, зашто со нашите традиционални гаќи било срамота да се шетам тука, барем така ми кажаа мудреците од моето племе.“
 
                Додека зборував многупати прекинав поради огромна смеа што ме гушеше. Нормално беше дека не ми веруваа, но границите на верувањето беа поместени: кога на крајот ги канев да дојдат во Македонија бараа да им резервирам хостел, зашто немало смисла да спијат со целата фамилија во иста соба :)
 
* * *
 
                Се мислев на кого ми личи долго време. Кога конечно ми текна му пријдов расположена.
 
                „Ола, Начо, мој замислен пријателу!“ Ме гледаше уште почудно од моментот кога му ја раскажав приказната за Мексико.
 
                „Си го гледал ’Прекрасен Ум’? Филмот за генијалниот математичар? Епа, јас и Расел Кроу имаме ист замислен пријател – ти!“ и со смирен глас додадов „Само јас го немам девојчето, многу беше молчаливо.“ Се насмеа и рече дека и други му кажале дека личат со тој глумец
 
                „Нема глумец во филмот, знам дека си ти. Исто толку колку што знам дека навистина си најрусиот вистински Шпанец што постои. Кхм, Каталонец, извини.“ се насмевнав зашто тој знаеше дека се зезам за Шпанско-Каталонски работи.
 
                „Башка, знам дека повистински не можеш да бидеш, зашто јас те измислив! Исто како што знам дека вистинско име ти е... Игнасио!“ се изнасмеав од срце.
 
                „Начо! Се викам Начо! Заборави го тоа ’Игнасио’!“ малце се подналути.
 
                „Не се секирај, ќе го задржам тој податок меѓу нас двајца, мој замислен пријателу!“ му намигнав, а тој пак се насмеа како претходно.
           
             Знаев дека мисли дека сум вистински луда, како што тој е вистински рус. По уште неколку од моите приказни, ме завика „кордера*“. А јас додадов „кордера лока**, мој замислен пријателу“.
 
_____________________
*кордера = буквален превод - јагне. во говорен јазик – мила, миличка.
**лока = луда

27 Октомври, 2006 - 14:54
(3) Приказни од Барселона
* * *
                „Еј, Начо, ти ја раскажав приказната за мојот брат близнак?“ го прашав.
„Не...?“ несигурно праша, се смееше знаејќи ги моите приказни и ја очекуваше новата.
„Сандро, дојди! Еве го! Се најдовме после 21 година.“
„23“ ме поправи Сандро.
„Да, да.. и за тоа има објаснување“ реков, и Начо ги начули ушите да го слушне.
„Пред 23 години, нашата мајка го родила него, а била во болки две години се’ додека не сум се родила и јас. Него го сакала зашто немала маки, но мене ме мразела заради изгубените две години од нејзиниот живот. Така, кога решила да се откаже од нас, него го дала во Шпанија, а мене ме фрлила во Македонија.“ Сега и двајцата ме гледаа со очигледно неверување и се смееја.
„Сепак“ продолжив, „нашите семејства решиле да ни ги задржат оригиналните имиња. Имав среќа да ме дадат во добра фамилија, иако тоа било во Македонија, па сега имав можност да дојдам тука и да се најдеме со мојот одамна изгубен брат близнак, после толку време. Не е дека не сме задоволни, јас имам сестра од супер родители што ме посвоиле и мачка, а брат ми има уште еден брат и супер родители.“
Двајцата се смееја. Начо ме потапка по рамото и продолжи да организира нешто. Сандро со насмевка побара уште приказни од неговата сестричка.
* * *
            „Леле Панос, ги носиш сите овие работи? Што е ова, маслинки, сарми, алва... Ха, македоники алва! Гледаш дека е наше?“ се смеев.
            „Да бе, така пишува“ се насмеа и Панос.
            „Сармата е турска работа“ дофрли Емре.
            „Не, не. Вие ја украдовте од нас!“ продолжи да се смее Панос.
            „Се е македонско, само така ве лажат“ забиберив јас „а може и да направиме една маса истите јадења ги имаме сите три земји“ предложив. Се смеевме сите и знаевме дека никој нема да се налути на никого.
Емре ме праша која песна планирам да ја пеам на интернационална вечер. Не знаев точно која, само се обидував да ги избегнам најпознатите што стално се пејат.
„Нема да ја пееш Македонско Девојче?“ ме праша разочарано.
„Сакаш да ја пеам таа? Ти се допаѓа?“ го прашав заинтересирано.
„Да.“ се насмеа.
„Нема проблем, таа ќе ја пеам“ му вратив. „Знаеш, треба да ти се заблагодарам“ му реков, а тој зачудено ме погледна. „...поради вас турците, ги имаме најдобрите традиционални песни на светот“ и се насмеав. Малку му падна незгодно, ама виде дека не мислам лошо па и тој се насмеа.
Кога ја пеев песната, ме пратеше со мелодијата и по некој збор од текстот, придружен од останатите Балканци.

* * *
                Беше забрането да се прави галама, па штом ја напуштивме забавата излеговме надвор.
„Да одиме понатаму, негде во шумичката“ предложи некој.
Хостелот беше на мал рид, опкружен со борова шумичка со патеки за   движење наоколу. Имаше паднати трупови од дрва и големи камења за седење и насекаде по земјата имаше паднати иглички. Неколку високи лампи даваа слаба светлина колку да се отцртаат силуетите на скалите по кои се симнувавме. Беше свежо иако преку целиот ден грееше сонце како во лето.
Седнавме - кој на еден голем камен кој на земјата со игличките. Унаи почна да свири некои стари хитови и направи да се почуствувам како дома, кога со другарите правиме свирки во паркот. Свиреше прилично добро, па сите пеевме и уживавме во прекрасната ноќ.
Во една пауза да ги згрее прстите ме праша
„Дај посвири нешто да одморам и да се стоплам малку“.
Ја зедов гитарата во моите раце и сфатив колку ми недостигала. Не се сеќавав на многу песни, но се сеќавав на сите акорди.
„Ајде, некоја македонска!“ дофрли некој.
Ги допрев жиците, една по една, сите. Пробав да се потсетам на некоја песна што порано знаев да ја свирам.
„Песната се вика Милион Долари, од еден од најдобрите македонски рок бендови - Архангел“ им соопштив.
Како што започнав, се сетив на сите акорди, на сите стихови, скоро како никогаш да не сум престанала да свирам. Додека пеев, сите внимателно слушаа иако не разбираа ниту збор. И покрај тоа, знаев дека преку ушите, песната им продира во срцата.
* * *
2 коментари | за печатење | прати по e-mail | 522 пати прочитано   #

31 август 2006

Ку-ку часовник


Цитат од конкурсот на Темплум:


Најдобриот конкурс до сега! Не само квантитативно (добивме дури 97 раскази од 42 автори!:), туку и квалитативно... И не само што овојпат имавме најмногу солидни раскази туку, наш  впечаток е дека имавме најмалку лоши! Самиот факт што двајца, повеќе-помалку, веќе прилично изградени млади писатели, Гето Руди и Ѓорги Крстевски, не влегоа меѓу трите најдобри - најдобро зборува дека нивото на последниот конкурс беше високо!

Се случи и долгоочекуваното: конечно имаме девојка на врвот! Од дваесеттината девојки кои ни ги испратија своите дела, неколку од нив навистина имаа мошне мошне пристојни раскази - што се гледа од оценувањето на жирито...
Според нас, значи, најдобриот расказ во периодот август-септември е „Ку-ку часовник“ на авторката со псевдоним She(
www.taa.blog.com.mk). За неа и отпорано (пред сè од блогот) знаевме дека има мошне сталожен, прецизен и луциден ракопис, без многу припотресувања но убиствен во својата мирнотија... Овојпат She отишла чекор понатаму и покажува некои други писателски квалитети кои досега можеби не беа доволно истакнати: создавање впечатливи, дури филмски слики со релативно скудни потези (што е мајсторство:) и една, би рекле, психоаналитичарска ориентација со многу интересни сексуални и интроспективни импликации... (Го спомнуваме ова, почитувани електролит(к)и, зашто во голем дел од вашите раскази сексуалноста и интроспекцијата се меѓу поважните теми...) She мошне креативно, ама ненападно, дискретно, успеала да создаде силен психолошки впечаток одејќи по рабовите на темите, не напаѓајќи ги фронтално и директно... Стратегијата на нешто-што-наликува-на-сон помага, но авторката добро направила што својата слоевита фантазија конвенционално не ја прогласила за сон.:)



31 Август, 2006 - 00:35

испратено на Електролит август/септември (p.s. и победено)


Чекајќи превоз во едно мало село на Југот, виде како еден автомобил седан закочи на паркингот. На возачкото седиште беше Мила, една познаничка - пријателка на пријатели. Внатре беше со уште две другарки, сите за нешто се смееја и викаа. Ја поканија да ја превезат до поголемиот град и таа прифати иако потајно никогаш не ги сакала – тие беа екстра популарни, покондирани тикви без мозок, кои на нејзино чудење секогаш ги добиваа добрите мажи. Всушност, ги мразеше. Во автомобилот седеше цврсто држејќи се за рачката, зашто за малку неколку пати не паднаа во ендек на планинските кривини. Сфати дека сите се пијани до бесвест и ја обзеде страв. Ги замоли да ја остават на првото место каде што има луѓе. „Ах, Тања... подобро на непознато место отколку во ендек“ си помисли.
Беше доцна во ноќта и реши да преспие во мотелот до паркингот каде што ја оставија, чекањето автобус во таа доба ќе беше залудно. Како што влезе во мотелот, забележа убаво дотеран батлер на рецепција кој и’ додели соба за двајца и и’ покажа каде се наоѓа ресторанот.
„Вечерата се служи точно на полноќ“, рече, се поклони и исчезна.

Собата беше веќе дополу полна, имаше некоја девојка од Швајцарија која се шеташе наоколу без алишта. Беше добро градена, цицките и беа еднакви и имаше бразилска депилација. Иако ја погледна само за момент, Тања се засрами, но помисли дека Швајцарките толку се слободни пред сите бидејќи „го немаат нашиот менталитет“. Нешто слично на тоа што надвор од земјава сите се сончаат топлес, но никој не го прави тоа во Охрид или Струга.
„Хај!“ весело рече Швајцарката.
„Хелоу...“ тивко возврати Тања свртена кон ѕидот.
Иако не можеше повторно да ја погледне, и’ завидуваше на младоста и на совршеното тело. Своето, не го сакаше многу поради виснатиот стомак, гради и задник со рапава кожа кои и’ останаа по прекинатата бременост. По кој знае кој пат си помисли каков ќе беше нејзиниот син и повторно и’ навреа солзи на очите.

Имаше уште десетина минути до вечерата, па реши да прошета наоколу. Низ ходниците и салонот имаше слики со актови на жени од ренесансата кои сега би биле сметани за дебели, а во лобито гордо стоеше еден голем часовник од темно дрво во кој слободно можеше да застане човек. Во дневниот престој имаше голем телевизор со рамен екран, неколку маси со удобни столици полни со големи везени перници и богато нацртани ѕидови. Разгледувајќи се запрепасти кога забележа дека сите(!) луѓе слободно си шетаа наоколу... голи!
Веднаш си ги покри очите од срам, но никој не и обрна внимание и таа ѕирна низ прстите. Во некои од нив дури и се препозна себеси. Имаше стари, млади, дебели и слаби, целулитни и згодни, средени и недепилирани. Сите се однесуваа најнормално, читаа списанија, пиеја кафе, гледаа репризи од „Вил и Грејс“ на телевизија, разговараа за новиот бестселер на Пауло Коељо... но сепак! Беа голи! Не можеше да го прифати тоа како разумно и истрча избезумено накај собата.
Гледајќи зад себе да не ја следи некој, се удри во некого. Во него препозна еден добар другар од средно, кој го немаше видено веќе петнаесет години. И тој беше гол како и останатите гости, па таа упорно се обидуваше да го гледа во лице иако погледот неколку пати и’ падна надолу. Направија муабет, во стилот „шо прајш, како си“ но немаше сила да го праша зошто сите се без облека. Тој забележа дека е збунета (покрај тоа беше единствената облечена гостинка во хотелот) и смирено почна да и’ зборува.
„Не сакаме веќе да се срамиме од она што сме, од жени што не смеат да дојат дете на јавно место, од мажи што сметаат дека тоа што им е скриено во гаќите им е најголема доблест. Овде луѓето доаѓаат да се пронајдат себеси.“

Го ислуша упорно гледајќи го в очи, а потоа со бавни чекори се оддалечи кон својата соба патем повнимателно загледувајќи ги сликите по ѕидовите.
Застана меѓу двата кревети, пред огледалото. Стоеше без да трепне, без да мрдне, гледајќи во него. Стоеше и стоеше.. опкружена од празна тишина. Наеднаш снема струја, но таа не се помрдна и во мракот се обидуваше да ја препознае својата контура во огледалото. За неполна минута, струјата се врати.
Стоеше во непроменета положба, пред огледалото, но овој пат во него како да се гледаше за прв пат во својот живот. Гледајќи се, Тања ги турна прерамките од рамената и нејзиниот зелен фустан падна на земјата. Ја соблече и долната облека и повторно стоеше пред огледалото, без да трепне, без да мрдне, исто како претходно.
Од таа состојба ја освести ку-ку часовникот од лобито на мотелот кој чукаше дванаесет пати, за полноќ. Нагло се сврте кон вратата како часовникот да беше зад неа, уште еднаш длабоко се погледна во огледалото и отиде во трпезаријата да вечера.

15 јули 2006

Роби

15 Јули, 2006 - 02:41

Понекогаш се присетуваше на времето кога беше дете. Сите го сакаа, ги занимаваше со неговиот неисцрпен хумор. Ги знаеше напамет сите епизоди од „Солунски Патрдии“ снимани во Куршумли Ан, ги имаше на
VHS касета која постојано ја премотуваше. - „Слушај!.... Слушај како мириса ширденот кај Ангелета“
За занимавање на другите дури измисли и нов лик базиран на Мистер Бин и го нарече Мистер Босна. Кажуваше вицови, ги имитираше К-15 и во главно ја исмеваше неговата помала сестра нарекувајќи ја Каљуш, а таа се расплакуваше зашто мислеше дека е погрден збор, а не дека тоа е само кучето на Марика.
Веќе на тринаесет години, за втори мај седеше во селото на камен покрај куќата на другар му, со женска во скут, цигара во раката и пиво во другата. Да го видеше некој од страна, сигурно дека немаше да поверува на своите очи.
Сите го колнеа лошото друштво, малку ги колнеа неговите. Татко му од ситен крадец на туѓа бензиска, прерасна во крупен крадец на сопствена бензиска, додека на мајка му и беше поважно како е исончана и колку часа поминала на фитнес, отколку што и беше важно за него. Тие знаеја дека тој почна да пуши мара, дека почна да краде пари од џебовите на луѓето што спиеја кај нив на гости.. и не превзедоа ништо.
Кој знае дали се изненадија кога го фатија со потешки дроги. Низ градот се слушаше дека ретки биле оние што како него на натпреварите можеле да исшмркаат 23 сантиметри кока наеднаш. Го однесоа во Германија на шетање, додека сите знаеја дека оди на лечење. Сепак, и таму ги најде дилерите. Го носеа и во Хрватска, Бугарија... ништо не им успеа. Му купија голем мотор, му даваа коли какви ќе посака, му изградија куќа. Но нешто сигурно недостигало. Падна од моторот и се искрши самиот исто колку и него, а кога се опорави сруши билборд со новата кола на татко му.
Секој ден неговиот тен жолтееше се повеќе, подочњаците му се зголемуваа, неговата душа испаруваше од секоја негова пора.
Дали беше свесен или не, се наоѓаше на сопствената свадба, на неполни дваесет и две години. „Фатимеее! (Пушти ме бе!)“ - се присети на Солунските Патрдии и се насмевна.
Дали ја сакаше или не, во салата со останатите гости го чекаше шеснаесет годишната Кристина бремена со негово дете. Ја поправи цртата на огледалцето и ја шмркна, не знаејќи повеќе чиј роб е.

23 јуни 2006

Непарен ден

23 Јуни, 2006 - 01:51
Поминувајќи меѓу зградите, рано од сабајле, на патот за факултет мислев да си купам нешто за јадење зашто во близина на факултет нема лиснати теста. Во аголот спроти продавницата лежеше еден бездомник кој или се обидуваше да заспие или да се рассони. Влегов во Жито Лукс-от и застанав во редот зад една баба и едно учениче од трето одделение.

- Повели комшиче - рече едната тетка од зад шалтерот, а јас се зачудив за момент зошто ме нарече така бидејќи не пазарам таму често.
- Две варени ѓевречиња.
- 24 денари.

- Угрх.. како бе ѓеврече да не е десет денари? - си промрчив во мислите. Платив и излегов.
Се вратив до аголот каде што пред малку поминав. Бездомникот веќе беше станат и си ги местеше гаќите седејќи на картонот. Се натерав да не го зазркам дали си ги местеше гаќите или нешто во нив. Го извадов едното ѓеврече од кесата, а другото му го подадов.
- Повели чичко.
- Благодарам девојче. - и продолжи да се мести, а јас продолжив по патот на факултет.
Беше вторник, а одев по Рузвелтова. Знаев дека кога имам часови порано, околу седум и пол го среќавам напорното дете што личи на домец, ама не е, зашто ги знам скоро сите деца од домот. По моја проценка, има максимум петнаесетина години. Кога и да поминев во последните година дена во тоа време, детето се чукаше од мене демек случајно. Пробував да го избегнам, но тој упорно се удираше од мене.
Одев и се надевав дека нема да го сретнам; после него се ми одеше наопаку, ме правеше нервозна.
Кога го здогледав, ми се стемни. Од око пресметав дека треба да забрзам за да се сретнеме точно кај едно дрво, па јас да заобиколам околу него за да не може да се чукне од мене. Само од нестрпливост, свртив порано, па имаше време да сврти и тој. Пред да се удри од мене, му довикнав да се тргне од мене, а тој како да се навлече уште толку. Ми се залепи, а јас го турнав со двете раце и целата сила што ја имав во нив и се издрав на цел глас да се тргне од мене.. додека траеше оттурнувањето, како во некој слоу моушн кадар, слушнав од него едно „Те САКААААМ“!
Бев во вакуум неколку секунди, сепак, му се издрав да ми се тргне и потрчав подалеку. За момент, забележав дека застанале три-четворица луѓе да гледаат сеир. И никој не превзеде ништо.
Ја поминав Партизанска и продолжив преку автобуската.
Една средовечна жена му објаснуваше на еден дедо од седумдесетина години кај е станицата за која ја прашал.
- Не оваа, не другата, третата чичкоооо - му викаше како да е глув.
- Значи, без оваа, уште две? - ја праша да се осигура.
- Да, да. Уште една, и на таааа после неа. - му повтори.
- Значи, не оваа, не другата, третата? - ја праша по кој знае кој пат.
- Не, не! Не, чичкооо, не другата, не третата, туку таа после неаа! - во истиот момент застана автобус и таа набрзинка се качи во него, а дедото отиде до едни студенти да ги прашува на која станица е Румунска.
Вниманието ми го привлече женско дерење „Пушти ме! Пушти ме бе!“. Се свртев и на десетина метри видов како еден низок дебел ќелав тип држи и тресе една двометрашка, слаба девојка со откачена портокалова фризура.

Од сите луѓе на автобуската, никој не превзеде ништо.
Тој нешто и’ рече, таа замолче и се гушнаа.

04 јуни 2006

3 ам

4 Јуни, 2006 - 02:45

Се спремам за концерт.
Се спремам за јунска.
Сушен период за пишување.
Ми се спие.
Си го корнам лицето до крв.
Несвесно.
Читам туѓи блогови на трчање.
Не оставам коментари.
Ми се спие.
Коментирам за новиот систем на факултет.
И намерното квадрирање.
Коментирам за Кујни напишани од Банани.
Проверувам мејл.
Полн со спамови.
И непознати расположени за муабет.
Проверувам Девиант.
Сушен период за слики.
Проверувам блог.
Го читаат мојот блог на трчање.
Не оставаат коментари.
Играм спајдер со две бои на карти.
Режам глупи цд-а.
Слушам Massive Atack.
Се спремам за концерт.
Не ми се учи.
Забушавам.
Се спремам за јунска.
Пишувам глупости.
Сушен период за пишување.
Ме болат очите од мониторот.
Навистина.
Ми се спие.

30 мај 2006

Евергрин

30 Мај, 2006 - 00:32

Објавено во Елфаско бр. 49, јуни 2006

Испливав од водата смртно преплашена и задишана. Шкргите ми беа затнати и не можев да дишам. Се обидов да ги исчистам од речната тиња триејќи се од трските на брегот. Седнав на мојот зелен газ и почнав да се печам на априлското сонце.
Една калуѓерка од локалниот манастир, цупкајќи на десет сантиметарски топуци, полека го врвеше дрвениот мост на почетокот на селото. Детето на Митрушевци ги носеше бардињата полни со овчо млеко и вреќа житарици за да ги нахрани, сабајлечки, свињите со корнфлејкс. Знаеше дека ако не стигне на време тие ќе кренат револуција исто како минатиот Октомври, па побрза колку што го држеа нозете.
За малку ќе го закачеше Лудиот Мајер, кој повторно го испробуваше неговиот експериментален турбо-велосипед. Среќа, млекото си остана во бардињата, а велосипедот за малку што не се сруши преку мостот право в река. Спукав малце сеир и, демек незаинтересирано, се зазјапав во јасното небо.
Лошиот Штрчко ме засени со неговите бели крилја, па се затскрив зад трските. Не сакав да му бидам неделен ручек. Тој носеше ново бебе во соседното село. Беше загрижен како ќе го спушти низ тенкиот оџак на куќата од каде што пристигна порачката, па знаев дека нема да се заинтересира за мене. Затоа, повторно се спружив на брегот и продолжив да си ги сончам крастите.
Не се сеќавав кога сум задремала, ама сигурно дошло пладне кога осетив дека почнувам да горам. Како попарена рипнав во студената река, се разладив и испливав надвор. Решив малку да прошетам зашто на пладневните собири на „друштвото на жабјите поети“ ми беше досадно.
Помислив да тркнам на кратко до царската палата, да ги видам моите како се. Татко како по обичај средуваше нешто во царството, даваше загатки на сиромасите и се ценкаше за пченица за следната зима со колонијата на мравките. Мајка, пак, ме тажеше како по обичај во летната бавча, везејќи гоблени со мотиви од градината и чекајќи ме да наминам. Се израдува кога ме виде со прикриена тага во очите. „Не тагувај, ќерко, ќе налета некој принц. Па со години имаме тендер за некој да те бакне.“ ми рече веќе по рутина. Тоа беше една од причините што не наминував почесто, мразев кога сакаше да ме омажи за пари. И’ реков деке ќе наминам за некој ден и си отскокав назад во селото.
Перо, мојот најдобар жабец ме најде негде во близина на сред село, кај бунарот. Ми предложи да ловиме муви за да направиме шеќерна мувовина и после да одиме на панаѓурот што го приредуваше новодојдениот циркус во селото. Сите знаеја дека нивната намера, всушност, е да украдат неколку селски деца кои ќе ги заменат остарените акробати, но на никој не му беше гајле се’ додека добро се забавуваа подалеку од шталите и селските обврски.
Се возевме на рингишпилот под седиштата (таму не се наплаќаа карти за помалите животни од една просечна мачка), удиравме некои црвени топчиња за сладок фишек полн со мушички, а Перо дури и ми освои една штека цигари на пукањето на метални дводимензионални штркови кои се движеа во позадина на една тезга. Со еден збор, супер се забавувавме. Ми беше жал кога помислив дека некој принц ќе го освои тендерот и ќе ме претвори во грда принцеза, па ќе го пропуштам бесплатното возење рингишпили во пролетните ноќи.
На враќање, низ самракот го забележав Штрчко како се враќа од пренесувањето бебиња, а неговата силуета на полната месечина дури и ми се приничини дека е убава. Патем, си го враќав филмот од изминатиот ден. Една прекрасна селска идила од жабја перспектива. Кога стигнавме до реката скокајќи си со пократки и помали скокови, знаев дека, колку и да останам до доцна, ќе морам да се приберам кај моето посвоено семејство. Се надевав дека следните денови од мојот живот ќе ми бидат така исполнети како и овој. Пробав набрзина да се збогувам, а Перо ненадејно ме лизна за образот. Тој беше себичен, а јас уживав во тоа што ќе останам засекогаш ваква... Евергрин.

16 мај 2006

Мадам Верде

16 Мај, 2006 - 00:02

Мадам Верде и нејзиното ружно пекинезерче Жужи, беа во шестиот стан на нашиот кат. Живееше сама откако на педесет годишна возраст, мажот ја остави за тинејџерка и избега во Канада не оставајќи и’ ништо.
Секој ден шеташе со разбушавена и истапирана црвена коса со бел корен, нашминкана со плаво на очите и со црн туш до средината на слепоочниците, дотерана во карирана бањарка и со последна мода влечки за по дома од Бит Пазар. Жужи го сместуваше во пластична корпа за зеленчук која ја носеше обесена на левиот лакт и го караше секогаш кога немаше да издржи до надвор и ќе се покакаше во корпата уште во лифтот.
Од време на време, во раните утрински часови имаше напади на мисли дека умира, па легнуваше на нашето ѕвонче безмилосно се додека не не разбуди сите, барајќи ја мајка ми. „Доктор Ружица, умирам!... не можам да дишам... дојдете“ – и се повлекуваше во нејзиниот стан, правеше кафе и ја задржуваше дури не дојде часот за одење на работа. На неколку пати, кога отвораше татко ми, и’ велеше дека „докторката“ спие, да се напие малку вода и да си легне.
Еден ден, кога се вратив од училиште на влезот од зградата видов расцепени делови од радио. Од главните портарки од маалските продавнички дослушнав дека Мадам Верде конечно се скренала. Мислела дека ја следат некои тајни агенти, ставила пет вида брави на вратата, ја лепела „шпиунката“ со кафеави селотејпи за да не и гледаат во станот, не отворала ниту на нејзината сестра која стигнала од Врање за да ја собере, се дерела од нејзиниот стан правејќи муабет со некоја замислена личност, и како за крај го фрлила радиото низ прозор мислејќи дека во него тие имаат скриено микрофон.
Сестра и’ од Врање го спакува Жужи во пластичната корпа, ги спушти ролетните на прозорот од страната на влезот, ја заклучи вратата со сите пет клуча, се качи во такси и со него отиде по жолтото комбе од Бардовци.

26 април 2006

Како штркот го заеба џуџето Џибо

26 Април, 2006 - 00:30
Џуџето Џибо повторно се изнервира бидејќи го пратија назад во поправниот дом за џуџиња помошници на Дедо Мраз, откако и оваа година подметна неколку петарди во пакетчињата за добри деца.
Реши да избега, а знаеше и како. Па не беше таму прв пат! Го затна носот и дувна со сета сила – и наеднаш, се најде надвор, во шумата близу домот. Се прошета наоколу, задре по некој зајак, и кога се обидуваше да му ја запали опашката на петтиот, забележа една двојка близу до езерото како води љубов. Се прикраде до блиска грмушка, ги поттргна високите гранчиња и злобно се насмеа. Не можеше да издржи! Трепна два пати со десното око, потоа три пати со левото, ги доближи рацете до устата и силно дувна во нив.
И кондомот пукна.
Две недели подоцна, Маре му се јави на Даре да му каже дека и’ доцни неколку дена. Тие знаеја дека ќе се земат порано или подоцна, имаа и многу други планови, но еден од оние поблиските не беше дете. Даре се изнервира за неквалитетот на кондомите во денешницата и го колнеше Марфи што тие мораа да бидат дел од трите проценти неуспешна работа на гумените заштитници. Се јави кај татко и’ на Маре со стегнати заби и и’ја побара раката со сребрен прстен, од поефтините. Нормално, желбата на Маре и Даре да имаат голема журка за другарите пропадна, зашто мораа да ги слушаат старите и да имаат голема старинска свадба каде милијарда непознати далечни роднини ќе смрдат со ефтини парфеми и опијанети ќе ги бацуваат во уста(!).
Во октомври, кога штрковите беа веќе неколку месеци отидени на југ, еден леташе кон север и носеше огромен орев завиткан во врзоп. Си мислеше како тоа на цртаните филмови секогаш летаат со врзопи и во нив бебиња со главите виснати надвор и си се насмеа колку биле глупави. Долета близу Скопје, на адресата што му беше напишана во внатрешноста на десното крило (за да не ја заборави), го спушти оревот пред вратата и заѕвони три пати, како секој чесен поштар. Отвори Даре, потпиша белешка и додека го внесуваше пакетот внатре, штркот одлета назад на југ.
Ја викна Маре да дојде од кујната каде таа спремаше некои колачи со кокос и двајцата седнаа покрај оревот. Тој го најде механизмот за заклучување на големата лушпа, длабоко воздивна и го отвори. Од внатре ги заплиска невидено чувство, чувство за едно мало совршенство. И знаеја дека ништо повеќе нема да биде исто како порано.
Џибо гледаше од прозорот внатре, додека есенскиот дожд го плискаше по грбот. Пукна од мака и од толку љубов му се слоши, па реши да се врати назад во домот и да проба да му се умилкува на Дедо Мраз да го прими назад во работниците, за да може да продолжи да прави други пакости, како порано.
Посветено на другар ми што наскоро ќе стане тато :)

29 март 2006

Секс-енд-д-сити кафé

29 Март, 2006 - 23:29

Објавено во Елфаско бр. 48, март 2006
- Значи договорено? Оваа сабота, исто место, исто време. – рече Кристи.
- Да, дебела. Обавезно се гледаме. Одам сега, имам проект за пишување. Чаос! :* – одговори Саша и се дисконектира. И така се жалеше дека нетот и е слаб во последно време.
Се немаа видено еден месец. Од пред Нова Година, откако малку им заладија односите. Зафатени женски, немаат време, посебно кога се ближат испитни сесии. Овие две стално се договараа во име на сите четири, веќе стари другарки од средно. Тогаш две по две седеа на трета и четврта клупа во средната редица, а главна фора им беше “ти текнува?“ што алудираше на нивниот стар класен со златен заб кој повремено со рацете во џеб, си го местеше пенисот на сред предавање.
По матурата, нивна навика стана од време на време да се гледаат во местото кое во време на популарната серија, го нарекуваа секс-енд-д-сити кафè.
Фејт е со црвената коса. Од пред некое време, веќе ја сметаа за правничка, бидејќи почна да се облекува посериозно. Нејзината коса беше секогаш беспрекорно сјајна, поради што Кристи стално и завидуваше, но затоа, пак, ја обожаваше нејзината смисла за хумор. Лиза беше таа со динамичниот сексуален живот, но не беше плава или глупава. Покрај тоа, имаше многу отворен однос со сите, па затоа секогаш кога имаа проблем, трчаа кај неа за совет. Саша пишуваше добри и морбидни текстови во средно, а сега беше затрупана само со пишување на проекти за факултет. А Кристи, таа беше конзервативката во друштвото, која беше голема бубалица и на која стално и ги извлекуваа зборовите кога се работеше за секс муабети.
Откако завршија средно, ништо повеќе не беше исто. Наместо секој ден, се гледаа еднаш, два пати во месецот. Дечковците доаѓаа и си одеа, караниците исто. Тие се менуваа, но знаеја дека секогаш ќе бидат тука една за друга. Барем додека наоѓаат време да излезат во секс-енд-д-сити кафè.
Сабота, девет часот. Кристи се спрема, но знае дека иако само таа пешачи, повторно ќе стигне прва на средбата. А надвор е минус 15 степени, па не и се чека и мрзне сама. Знае дека Саша повторно ќе доцни пола саат - саат, автобусот на Лиза ќе доцни поради мразот, а Фејт нема да најде место за паркирање најмалку 5 минути. Се договорија повторно да се најдат во секс-енд-д-сити кафèто иако одамна не беа стапнале таму откако идиотот келнер и се пушти на Саша покрај тоа што имаше девојка. Се облече помалку спортски отколку што обично се облекува, мораше да им парира на згодните другарки, да не им руши просек во убавина.
“Сигурно Саша и Фејт повторно имаат по некоја нова блуза, можеби и сукња, Лиза позајмила од сестра и бидејќи си менуваат работи... Да се потсредам и јас“. – си помисли.
На слабото жолто светло во вц-то нанесе пудра за која знаеше дека нема совршено да и го покрие црвенилото на лицето, стави лабело на испуканите усни и направи секси фаца иако знаеше дека е лоша. Се завитка во дебел шал што и одговараше на новите фармерки, ги облече војничките чизми до колена, стави плетена капа што тотално и го нарушуваше подобрениот “look“ и излезе.
Одејќи низ познатите улици, овој пат внимавајќи да не се лизне и да испадне идиот пред другите минувачи, размислуваше низ што се поминале заедно, тие четири. Се сети на сликата од средношколската екскурзија каде се сите гушнати, поцрвенети и со светнати очи од благо пијанство. Потоа на сликата од последниот роденден на Саша каде сите беа пристојно облечени и насмеани, но сепак сериозни. Малку и падна жал што нивната детска наивност исчезна и наместо да зборуваат за што ќе испрашува хемија, тие разговараа за факултет, секс и планови за иднината. А колку би сакале да зборуваат каде ќе одат на голем одмор, “на пица или на кифли?“. Се сети на Лиза која секогаш јадеше кифла со чоколаден крем на која ставаше кечап, малку се згрози и се насмевна.
Полека, Кристи стигна на закажаното место. Замижа со очите барајќи ги останатите но, иако не распознаваше ликови поради слабиот вид, во ниту една контура не ги препозна чекорите на нејзините другарки. Сепак, не чекаше долго. Од некоја страна се стрча Лиза и ја изгушка како да се немаат видено сто години. А се видоа минатиот викенд кога имаа испит во исто време.
- Кај си бе? – праша Лиза. - Долго чекаше?
- Знаеш, ко стално. – се насмевна Кристи.
- Овие уште не се стигнати? – праша Лиза, иако знаеше дека е непотребно.
- Знаеш, ко стално! – додаде Кристи и двете прснаа од смеа.
- Да одиме, знаат кај да дојдат! – рече Лиза и ја повлече Кристи за рака.
Секс-енд-д-сити кафè беше реновирано. Поголемо, но полно со старци како и порано. Затоа го сакаа тоа место, зашто беше тивко, светло и немаше познати фаци што не сакаа да ги видат. На Кристи ѝ се допаѓаше тоа што внатре имаше копии на слики од Климт и веднаш се сети на сликата каде Саша беше фотографирана пред нејзината омилена слика во музејот во Виена. “Знаела дека е забрането да се слика во музејот, а пак го направила тоа за мене.“ – помисли Кристи и благо се насмевна.
Седнаа во аголот на кафèто, подалеку од студенилото што доаѓаше од прозорците.
- Не ми се верува, идиот уште работи тука! – промрчи Кристи, забележувајќи го келнерот покрај шанкот.
- А бе ти е гајле, баш ќе го изреметеме. Пички сме или што сме? – задоволно искоментира Лиза.
- “Кога гледаш дека јас се правам наудрен пред девојка ми, прави се и ти“ – Кристи го имитираше келнерот со лигав глас. – Идиот! – се насмевна.
- Ооо, здраво Игор, како е? – праша Лиза наудрено додека келнерот се доближуваше до нивната маса.
- Здраво. Повелете. – рамнодушно ги повтори зборовите што одеа со описот на работата.
- Како стално, за мене капучино со шлаг. – Кристи го порача нејзиното омилено кафе во градот.
- За мене црвено вино. Александрија. И гледај да не истуриш! – се правеше шмизла Лиза.
Игор кимна со главата и се оддалечи.
- И многу кикирики! – дофрли Лиза. Двете се насмевнаа знаејќи како порано тој трчаше да им носи кикирики од ново и на ново, додека беше заинтересиран за Саша.
Кога Игор се оддалечи, Кристи проба да ја утеши Лиза.
- Немој да се секираш за колоквиумите, ќе положиш на испит, знам.
- Да ама веќе ми е смачено. Морам да положам.
Отворање на врата и бран на ладен возух им го оттргна вниманието. Останатата половина на друштвото влета внатре смеејќи се. Откако другарски се изнагушкаа, седнаа на масата на двете празни столчиња.
- Кај сте бе женски? – смешкајќи се загадочно како и секогаш, праша Фејт.
- Еве бе, конечно назад тука! – рече Лиза. – Игор е на смена. Почнав да го гњавам. – додаде, гледајќи кон Саша.
- Е супер, гледајте сеа праење пичка америчка! – со искра во погледот искоментира Саша.
Игор се доближи до масата носејќи го капучиното и виното. Ги остави пред Кристи и Лиза, а таа дофрли:
- Нели порано сипеше вино во чашата? – го предизвика.
Тој тури половина чаша, ги остави кикириките до пепелникот и со кисел поглед им се обрати на останатите.
- За вас, девојки?
- За мене нес кафе, ама не многу јако. И со шеќер. – одговори Фејт.
- Мммм... едно мартини, суво. – рече Саша, со преправен глас на метрополска шмизла. Со зелена маслинка и шеќер по рабовите на чашата. – додаде и се насмевна како да го победила со џејмс бондовска умешност.
Откако тој се оддалечи, сите брзнаа во смеа. Кристи додаде:
- Му ја видовте фацата? Хехехе...
Смеата ја прекина стандардното прашање на Саша.
- И како сексот а? – со насмевка праша Саша, a смеата продолжи уште погласно.
Оддалечувајќи се од пријатното друштво, камерата се вивна нагоре зумирајќи го жолтиот лустер во француски стил додека клишеирано во позадина се слушаше џагорот на најдобрите другарки измешано со звукот на некој италијански сентиш.

23 март 2006

Сенатот

23 Март, 2006 - 01:06

Една тетка од врскаџиско ми бркаше работа да поднесам некој формулар, за кој требаше да се напише есеј и нормално - да се дадат пари и за кој се добиваше некоја диплома со печат. Во собата имаше една долга конференциска маса, а околу седеа студентите. Неколку од нив веднаш се стрчаа до челото на масата каде што седна една девојка, за да си ги подигнат дипломите. На нив пишуваше име и презиме, дата, место и пари колку биле платени за неа, а имаше и поголем празен простор за дополнување. Ја побарав мојата диплома и на неа немаше ставено сума колку што уплатив – девојката ми рече дека не сум платила, ама ја направиле дипломата во случај да платам при подигањето. Се навредив и пред да одам да ја барам тетката од врскаџиско за да и’ се издерам дека ги украла парите, наѕрев дека девојката со дипломите и’ пишуваше врз дипломата, во празниот простор, на една колешка (што и така не ја познавам) „Браво! Одличен есеј!“ на шпански, па се зачудив од кај па сега таа учела, па уште и есејот го напишала на шпански.
Истрчав полна со лутина горе на спратот, во гаражата која всушност беше соба со стакла, и пробав да влезам внатре. Останатите духови имаа состанок и не ме пуштаа внатре. Си реков дека сум млада, а тие стари, па не ме сметаат рамноправна се додека не преплашам возрасен човек до смрт. Отидов во другата соба, а останатите од нив вршеа комеморација за еден од нивните кој бил убиен од истребувач на духови кој го начекал на спиење. Ме игнорираа.
Нервозна што не ја добив дипломата за да одам во странство, па згора на се’ и овие моиве ме сметаа за детиште или воопшто не ме приметуваа, решив да сторам нешто во врска со тоа. Почнав да ги гаснам ламбите, да тропам со прозори, да дувам завеси и слично, но студентите ги сменија осигурачите, девојката со дипломите го затвори прозорот, а еден од членовите на сенатот на духови, чичко Тихо, ми ја плесна една преку муцки. „Овде се случуваат сериозни работи, а ти изиграваш Каспер! Марш на таванот и да не си мрднала додека не те пуштам надвор!“. Скиснав како попарена и го послушав. Јебига, беше во право. Советот дискутираше на тема „Како да ги надитриме истерувачите на духови“ за која се разви огромна дебата.
Постарите велеа дека треба да се повлечеме во напуштените куќи, како што се правело отсекогаш, а помладите сакаа да кренат револуција – инсистираа да шетаат слободно низ градот, нормално, само навечер (денски светлината на сонцето беше премногу силна така што нашите тела стануваа целосно проѕирни, па немаше поента да се правиме луѓе преку ден) и да се обидат да се вклопат со обичните смртници. Така, демек, ќе сме се измешале со нив, а истерувачите нема да знаат кој е кој. Башка, велеа дека има згодни млади студенти и студентки кои буквално би умреле за да легнат со дух!
Ми беше забрането, ама сепак се шмугнав надвор од таванот преку оџакот (не ми беше омилено поминувањето низ ѕидови) и отидов кај тетката од врскаџиско. И’ писнав дека мора да каже дека сум платила, зашто летово сакав да одам на студенстка размена во некоја европска држава, ако не ги врати парите ќе и го загорчам животот и за демонстрација кренав телепатски едно пенкало и и напишав смајли на раката. Не знам колку ме сфати сериозно (никој друг не ме сфаќаше), но отиде кај девојката што седеше на конференциската маса и и’ даде 500 од оние 1000 евра што ги платив јас. Ја буцнав со пенкалото по огромниот газ (телепатски!) и ги додаде другите 500. Ми ја врачија дипломата, девојката ми напиша „Екселентисимо, есејот просто воодушевува“ а јас со победничка фаца и се исплазив на другата колешка бидејќи мојата посвета „беше боље“. „Сепак, добро било да си проѕрен, на еден или друг начин“ си реков.
Со насмевка од уво до уво и назад, се вратив на таванот преку оџакот. Истресов еден душек полн со прашина која ме затрупа, исчезнав за да се падне прашината од мене, потоа пак се појавив задоволна од стореното, и по два и пол дена се разбудив наспана, препотена од викотниците што доаѓаа од жешките дискусии на Сенатот.

17 март 2006

Розовото Југо

17 Март, 2006 - 00:34

Откако ја заклучив вратата од колата, во шумата зад мене слушнав некои чудни звуци и ми се пристори дека гледам сенка. Се плашев да не ми го украдат Југото, па го отклучив, ги фрлив клучевите внатре, го притиснав црвеното копче и ја лупнав вратата заклучувајќи ја однадвор. Кога се свртев, зад мене видов некој висок, слаб човек со цилиндар на главата, кој личеше на мешавина од Ајнштајн и професорот по математика. Забележав дека во аголот зад него, меѓу дрвјата, играат мајмуни за една кока-кола и им фрлив по некоја кикирика. За чудо, се исплашив од Ајнштајн-професорот-по-математика (АППМ) и пробав да влезам назад во Југото. Наеднаш, од розово, тоа стана црвено од срам, бидејќи не можеше да ме пушти внатре. АППМ ме стигна и ми постави загатка со интеграл, а јас му го турнав цилиндарот од главата и тој падна во една шахта на Металски Завод (Тито). Потоа, извадив еден двоен интеграл од задниот џеб на фармерките и со негова помош успеав да ја извадам неговата шапка одоздола. Тој се зачешла со мало чешле како во Брилијантин, потоа малку ги затапира краевите на косата и внимателно го смести цилиндарот на главата. „Сè е релативно колешке. Се гледаме во јуни. И земете си ги мајмунчињата со вас.“

12 февруари 2006

Ин Гриис

Поминаа само три дена откако се вратив од одмор, кога ми се јавија дека ми е прифатена апликацијата за работа во Грција и дека треба да заминам следниот ден. Не бев сигурна дали да одам, зошто да работам, кога не морам? Ама решив дека ако не отидам следниот ден, можеби нема да отидам никогаш. Се надевав дека ќе го извежбам англискиот, ќе запознаам нови луѓе и дека конечно со заработеното ќе можам да си купам супер дигитален апарат.
Ме разбуди шоферот во градчето каде што требаше да се симнам. Не ми се веруваше дека сум заспала последните 10 минути од возењето, кога го издржав цел пат будна. Зачудено прашав каде се наоѓа стадионот во гратчето, а тие ми кажаа дека сме го поминале, и е за 200 метри поназад. Се симнав, изгубена како еским сред Сахара и почнав да одам по автопатот. Со огромна торбица пакувана за два месеци и ранец полн со храна, почнав да одам по угорницата како послениот баксуз на светот. Зошто баш тие 200 метри да бидат угорница? По угорницата следеа уште неколку марфиеви закони, како бегање на автобус пред нос и чекање на следниот два часа, земање уште една кеса и повторно чекање автобус и влечкање сега на трите торби по нова угорница која воопшто не беше асфалтирана, налетување на највалканата цимерка што некој може да ја замисли итн. Во принцип, бев сама, во странска држава и не познавав никој. Сакав да си одам дома како мало дете, ама решив да останам.
* * *
По десетина дена почувствував дека конечно се вклопувам таму. Се запознав со колегите на работа, чашите престанаа да ми паѓаат од раце, се задружив со комшиите, цимерката сеуште беше валкана, ама почнав да ја поднесувам.
Во ресторанот каде што ме распределија, не се срамев да работам. Средував, чистев, носев пијачки и дење полирав прибори за јадење и по 17 баскети полни со чаши. Кога муштерии почнуваа да ми зборуваат на грчки (ме мешаа за гркинка по изглед?) им одговарав да ми зборуваат на англиски. Тие од југот, од Атина, немаа гајле, исто како и помладите од секаде. Додека постарите и оние од Солун и Егејска Македонија, ме распрашуваа од каде сум.
“Фром Маседониа“ одговарав.
Тие збеснуваа и на грчки почнуваа да зборуваат по сто на саат и да приговараат: “Охи Маседониа, ре! Охи ре! Хир ис Маседониа! Ју ар Скопја!“
На тоа им велев “Ендакси, уат евр ју уант“ и продолжував со истиот ритуал на другите маси. Сепак бев на нивни терен и знаев дека треба да очекувам такви реакции, затоа си кажував дека сум од Македонија, а потоа ако тие се расправаа, им велев ОК и ги оставав да си викаат.
Поради тоа што не се расправав, се изненадив кога една слободна вечер, додека седев со комшиите и со некои пријатели на тераса слушајќи мешавина од македонски и грчки рок, дојде колегата од работа и ми кажа дека идното утро треба да одам во HRD (Human Resources Department) според зборовите на менаџерката на ресторанот. Од таму и’ се јавиле да не испрати двајцата (бевме двајца Македонци во целиот ресторан). Таа беше ниска и мала, дебела Гркинка што беше многу строга, а сепак знаеше да се забавува и да се пијанчи секоја вечер после работа, па знаев дека таа ништо не пренела кај главните во HRD. Колегата тогаш ми призна, дека најверојатно не’ викаат поради една караница меѓу него и некој Грк кој исто така бил вработен во истиот комплекс хотели.
* * *
Утрото, во канцеларијата никој не знаеше зошто сме таму. Ни рекоа да чекаме и ние чекавме. По половина час се појави директорката, една опасна дебелка женска која растела во Америка. Почна да зборува со тоа како сме дојдени за многу сериозна работа. Почна да филозофира како Грците биле големи националисти, па сврти на тоа дека сите земаме плата од нив, дека на луѓето кога ќе слушнеле “Македонија“ им се одјадувало, станувале без да јадат, дека ресторанот губел промет итн. Тогаш, го постави битното прашање:
“Кога ќе ве прашаат од каде сте, или ќе кажувате ФИРОМ или Скопја, или ќе ја прекинеме соработката“ и му се заврти прво на колегата.
На изненадување за моите уши, тој рече ОК, иако секогаш на маса се расправаше со грчките муштерии за тоа. Јас бев малку шокирана, па убедувајќи се дека нему премногу му треба платата, се обидував да го оправдам. Тогаш, ми се заврте мене:
“Јоу’р ОК?“
“Ноу, ајм нот ОК“ и реков, а таа се здрви за момент и почна да се правда дека сето тоа е политика, дека не треба толку сериозно да го сфаќам, дека не вреди да ја изгубам работата за некое недоразбирање и сл.
И’ одговорив дека сум ОК со нејзиното прашање, дека нема да правам кавги и дека едноставно ќе си заминам дома. На нејзиниот зачуден поглед, дополнив дека не можам да изговарам нешто во што не верувам и дека, повторно, нема да правам проблеми, туку мирно ќе си заминам од работа.
“Б’т пипл хир билив дет Маседониа ис оувер хир!“
И’ реков дека секој има право да си верува во што сака, а дека јас верувам дека мојата земја се вика Македонија и дека не можам да го заменам тоа со ништо друго. Тогаш се распали:
“Б’т ју стоул аур нејм!!!“. Тоа ептен ме изненади бидејќи дотогаш глумеше дека е ладнокрвна Американка со грчко потекло. И’ повторив дека нема проблем, дека ќе работам уште недела дена додека не ми најдат замена и дека не сакам да се расправам, дека едноставно сакам да си одам дома.
Конечно се подсмири, ми рече дека така ќе биде и ме услови дека во периодот што ќе работам додека не ми најдат замена, да не кажувам дека сум од Македонија. И’ реков дека ако некој ме праша, ќе преќутам.
3 Март, 2006 - 01:57

Приказната за некоја девојка која им се спротиставила на газдите и одбила добра плата само заради тоа што ја условиле да не одговара со “Македонија“ на прашањето од каде е, многу брзо се расчу низ целиот комплекс каде имаше вработено преку илјада Македонци. Ги слушав десетиците верзии кои кружеа, на автобуски, во ресторани, на собирања по соби и тераси. Се расчу и меѓу Грците, а тие што ме знаеја се извинуваа поради тоа и се чудеа како можеле да ме избркаат од работа. Велеа дека се срамат што се Грци и се чудеа дека така се воспоставува демократија во држава што е членка на ЕУ.
Вечерта кога се појавив на работа, менаџерката појма немаше што се случило. Откако и’ раскажав во скратена варијанта, ме потапка по рамото и ми рече:
“Ај дон’т агри уит уат ју сед, ју шуд’в сед ок, б’т ај риспект. “ и додаде “Јоу’р а сајнинг стар.“

10 февруари 2006

Човекот од Осми

10 Февруари, 2006 - 02:40

Полека се влечкав по снегот со задоволство по убаво поминатата вечер. Ги набљудував туѓите стапки, втиснати во мој правец, спротивно, безврска, кучешки, развлечени, мали и големи. Студот ме штипеше за образите како далечни тетки на свадби. Се влечкав и не мислев. Така, - си се влечкав. Не ми се брзаше дома, надвор беше прекрасно. Уживав вдишувајќи го кристалниот воздух.
Стигнав до зградата, влечкајќи се. Внимавав да не се лизнам по скалите, а горе ги истресов чизмите од наталожениот снег. Ја отворив вратата од лифтот и приметив дека доаѓа некој. Притиснав на 11ти со отворена врата.
Почекав.
Влезе еден средовечен човек. Лифтот тргна. Не сум го приметила порано тука. Раката му се тресеше и внимателно набљудувајќи го копчето со број 8, го притисна. Се оддалечи од таблата и по две секунди, пак и’ се доближи. Сега со истата внимателност и со несигурната рака, го притисна копчето со број 5. Можеби го згрешил копчето првиот пат, помислив.
Лифтот застана на 5ти, а човекот не се ни помрдна. “Шо му е финтава?“, се запрашав. Потоа застана на 8ми и човекот отпоздрави и излезе. “Шо му беше финтава?“, не можев да се изначудам. Лифтот застана на 11ти.
Излегов.

01 февруари 2006

Супер сме бе!

1 Февруари, 2006 - 02:52


После подолго време отидовме некаде сами, јас и тој. Мљацкавме дип, некој чуден сос што корне на лук со домашно лепче и пиевме сангрија. Нормално, не толку добра како мојата, оригинална по андалузиски рецепт, ама добра. За лукот не се грижевме, имавме мастики. Потоа се тркавме кој ќе издржи повеќе во јадење пикантен сос со тако чипсот! Ќе изгубев секако, ама се смеевме. Се чувствував како на првиот состанок за кој и не знаев дека е состанок! Тогаш пиевме пиво и мелевме кикирики. Тој ме шармираше со неговите интелектуални занимации, а јас него со упорноста да издадам два броја ВиЗиЈа. Сега - ништо сменето, освен што знаев да го скршам филмот сред смеење, а и малку сме постари.
“Супер сме бе! Вака да ни биде кога ни е најлошо!“ Се согласив.