Објавено во Елфаско бр. 49, јуни 2006
Испливав од водата смртно преплашена и задишана. Шкргите ми беа затнати и не можев да дишам. Се обидов да ги исчистам од речната тиња триејќи се од трските на брегот. Седнав на мојот зелен газ и почнав да се печам на априлското сонце.
Една калуѓерка од локалниот манастир, цупкајќи на десет сантиметарски топуци, полека го врвеше дрвениот мост на почетокот на селото. Детето на Митрушевци ги носеше бардињата полни со овчо млеко и вреќа житарици за да ги нахрани, сабајлечки, свињите со корнфлејкс. Знаеше дека ако не стигне на време тие ќе кренат револуција исто како минатиот Октомври, па побрза колку што го држеа нозете.
За малку ќе го закачеше Лудиот Мајер, кој повторно го испробуваше неговиот експериментален турбо-велосипед. Среќа, млекото си остана во бардињата, а велосипедот за малку што не се сруши преку мостот право в река. Спукав малце сеир и, демек незаинтересирано, се зазјапав во јасното небо.
Лошиот Штрчко ме засени со неговите бели крилја, па се затскрив зад трските. Не сакав да му бидам неделен ручек. Тој носеше ново бебе во соседното село. Беше загрижен како ќе го спушти низ тенкиот оџак на куќата од каде што пристигна порачката, па знаев дека нема да се заинтересира за мене. Затоа, повторно се спружив на брегот и продолжив да си ги сончам крастите.
Не се сеќавав кога сум задремала, ама сигурно дошло пладне кога осетив дека почнувам да горам. Како попарена рипнав во студената река, се разладив и испливав надвор. Решив малку да прошетам зашто на пладневните собири на „друштвото на жабјите поети“ ми беше досадно.
Помислив да тркнам на кратко до царската палата, да ги видам моите како се. Татко како по обичај средуваше нешто во царството, даваше загатки на сиромасите и се ценкаше за пченица за следната зима со колонијата на мравките. Мајка, пак, ме тажеше како по обичај во летната бавча, везејќи гоблени со мотиви од градината и чекајќи ме да наминам. Се израдува кога ме виде со прикриена тага во очите. „Не тагувај, ќерко, ќе налета некој принц. Па со години имаме тендер за некој да те бакне.“ ми рече веќе по рутина. Тоа беше една од причините што не наминував почесто, мразев кога сакаше да ме омажи за пари. И’ реков деке ќе наминам за некој ден и си отскокав назад во селото.
Перо, мојот најдобар жабец ме најде негде во близина на сред село, кај бунарот. Ми предложи да ловиме муви за да направиме шеќерна мувовина и после да одиме на панаѓурот што го приредуваше новодојдениот циркус во селото. Сите знаеја дека нивната намера, всушност, е да украдат неколку селски деца кои ќе ги заменат остарените акробати, но на никој не му беше гајле се’ додека добро се забавуваа подалеку од шталите и селските обврски.
Се возевме на рингишпилот под седиштата (таму не се наплаќаа карти за помалите животни од една просечна мачка), удиравме некои црвени топчиња за сладок фишек полн со мушички, а Перо дури и ми освои една штека цигари на пукањето на метални дводимензионални штркови кои се движеа во позадина на една тезга. Со еден збор, супер се забавувавме. Ми беше жал кога помислив дека некој принц ќе го освои тендерот и ќе ме претвори во грда принцеза, па ќе го пропуштам бесплатното возење рингишпили во пролетните ноќи.
На враќање, низ самракот го забележав Штрчко како се враќа од пренесувањето бебиња, а неговата силуета на полната месечина дури и ми се приничини дека е убава. Патем, си го враќав филмот од изминатиот ден. Една прекрасна селска идила од жабја перспектива. Кога стигнавме до реката скокајќи си со пократки и помали скокови, знаев дека, колку и да останам до доцна, ќе морам да се приберам кај моето посвоено семејство. Се надевав дека следните денови од мојот живот ќе ми бидат така исполнети како и овој. Пробав набрзина да се збогувам, а Перо ненадејно ме лизна за образот. Тој беше себичен, а јас уживав во тоа што ќе останам засекогаш ваква... Евергрин.
Нема коментари:
Објави коментар