02 март 2011

Чистка

Кога беше префлен блогот на новата платформа (и домен, од taa.blog.com.mk на taa.blog.mk), ги снема сликите, нема година на датата на коментарите итн… после не знам колку години, решив малку да зачистам. Скриени се сите најави за настани, секојдневни зезалици и постови со жалби и поплаки зошто не (-мам време да) пишувам повеќе. Пред вас е она најдоброто што излегло од она што бев јас, одамна.

28 август 2009

Сенка – Shadow

Заглавив, како камче заглавено во грлото на песочен часовник, зборовите со месеци и месеци веќе не излегуваат од мене. Пишувам патеписи, но се за ограничен број на очи, претежно факти и штури доживувања. Немам време да си ги соберам мислите и чувствата, ја цедам секоја последна пара од мојот студентски чорап за да видам што повеќе можни места и луѓе. Ненаситна сум, а сите што ме сакаат не можат да ме разберат зошто сум станала таква. Се хранам со различноста на луѓето и секој од нив ме надополнува и ме надоградува, за уште една мала цртка на бокалот во кој секогаш останува место за уште. Не можам да се задржам на едно место, иако знам да се врзам, од време на време морам да избегам некаде, далеку од се, да запознавам нови и нови извори за потхранување на гладната душа. Знам да се снајдам сегде, имам пријатели низ цел Свет, понуди за работа и живот, студирање и пријатели, храна и љубов. Секогаш сум сакала да останам Дома, но почнувам да ја чувствувам Домата мала. Жедна и гладна сум за нови култури и нови начини на живот, макар и биле места каде ти ја крадат ташната додека ручаш. Сакам да сум во град различен од класичната Европа, во кој никој не те познава, каде секогаш има нешто ново да се открие, каде луѓето зборуваат јазик обоен во боите на срцето, каде забавата е во самото скитање низ неговите улици, а духот е изграден во замоци од песок… Да, заљубена сум во него и во неговата сенка. Единствено нешто што ќе ми остане од неа е лузната на ногата што ја здобив трчајќи по неа за да ја дофатам иако знаев дека е недофатлива. А јас продолжувам да живеам назад, во желбите што ги имав кога бев мала принцеза.

--

I got stuck, like a stone stuck in the neck of an hourglass, the words for months and months already don’t come out of me. I write journals, but for a limited amount of eyes, mostly facts and bare experiences. I have no time to gather my thoughts and feelings, I strain every last cent of my student sock in order to see as many places and people as possible. I’m insatiable, and everyone that loves me can’t understand why I’ve become like that. I feed myself of the differences of people and every one of them complements and upgrades me, for one small dash of the jar in which there always remains some space for more. I can’t retain myself in one place, even though I am able to bind myself, from time to time I have to run away, far away from everything, to meet new and new springs for nourishing the hungry soul. I know how to find my bearings anywhere, I have friends all over the World, proposals for work and life, studying and friends, food and love. I have always wanted to stay Home, but I begin to feel the Home too small. I am thirsty and hungry for new cultures and new ways of life, even if those were places where they steal your bag while you’re having lunch. I want to be in a city different from the classical Europe, where nobody knows you, where there’s always something to discover, where people speak a language painted in the colors of the heart, where the fun itself is in wandering her streets, and her spirit is built in castles of sand… Yes, I’m in love with her and her shadow. The only thing that will remain of it is the scar on the leg I gained running to reach it even though I knew it was unreachable. And I continue to live back, in the wishes I had when I used to be a little princess.

21 февруари 2008

Ако не умрам утре, ќе умрам некогаш

Ќе почнам да пишувам „Писмо до моите сакани и оние што некогаш биле мои сакани“. Ако не умрам утре, ќе умрам некогаш, а писмото е добро да се има. После сите умирачки во последно време, нема на кој не му се смачија деновите на жалост, од безнадежните прашања низ солзи, од колнењето на ова проклето наше место. Таман си мислиш дека Дедо Мраз ќе ти оствари една единствена новогодишна желба - и ете сме, повторно назад на рандом рипит. А ти, како се справуваш? Дали паѓаш во депресија мислејќи дека ти си следен, дали ги гасиш класичните концерти и пушташ музика да рока, или измислуваш некој начин да се изглупираш и да си ги скратиш маките? Ах, да... купив карта за Мексико Шпанија! Гајле ми е ако падне авионот или ме заколат на сред гето, нешто слично може да ми се случи на празен пат на Флорида, на кошаркарско игралиште во Тетово, на плоштад после чаша пиво или за време на огномет, на шетање во Хрватска, на улица во Чаир, на пет минути од долгоочекуваното враќање дома... битно писмото ќе биде напишано. А јас ќе ги таложам котите сè погусто збиени зад мене без оглед на сè. Ќе се карам со професори, ќе седам до сабајле читајќи и ќе спијам до следното попладне, ќе пишувам колку што ми е волја, ќе работам она што сакам, ќе пркосам на она што ќе ми застане на патот, ќе го критикувам она што ми смета и ќе пцујам луѓе што мочаат на мојата зграда. Нема нешто да остане ненапишано, зашто она што другите не го знаат, нема да знаат дека требало да го дознаат, а она што требало да го дознаат ќе го дознаат во тоа писмо. Како за почеток одам кај мојата Стотинка. Единствено ебењето ме прави да се чувствувам жива.

11 февруари 2008

Прашина


Денот како по обичај ми започна со утринското бришење на прашина. Толку прашина немав видено од денот кога исчезна мојот прв сопруг пред десетина години. Се прашувам дали ова имаше врска со тоа што овој мојов не си дојде вчера за вечера. Ако не се врати за три дена, ќе морам да си купам нов.

п.с. Од овие неколку реченици требаше да биде голем расказ... ама некој ми го украде. 

01 февруари 2008

Рандом необјавени работи


... ископани при правење бекап:

*** 11 октомври 2002 ***
...после памтам уште 2 пати во вц (ми рекоа дека имало повеќе).. си се дружев со шолјата некое време и легнав да спијам.. сум отспала ете до тогаш 2 пати.. и се разбудив, бев уште дрво и почнав да трескам глупости и да продолжувам да зборам 100 на саат.. и се смеев многу на тие глупости.. после заспав пак, станав негде во 6.30 веќе подобра, ги прошетав сите соби да видам дали има некој жив, сите беа камен, си легнав пак, и знам дека ме разбудија во 3 минути за 8, за појадок, другарот што ме трезнеше цело време, со песната "КАКО ЈЕ ЛЕПО БИТИ ГЛУП!!!!!" рокната скроз на скроз, на нашето скромно озвучување од дискмен и звучници од пц :) ...
 *** 14 ноември 2002 ***
Мравките ќе си градат, а луѓето ќе се менуваат како и досега и ќе ги имитираат - ќе градат и тие. Едните куп од земја и подземни ходници, другите куп бесмислености и надземни облакодери. Важно творат. Кој знае, од самото творење  некогаш и сами може да се уништиме. Тоа е неизбежно. Светов е механизиран, но човекот е човек. Планирано спонтан; безгранично љубопитен; градител и рушител. Таков и ќе остане. Се’ додека мравките не го освојат светот.
Крајната љубопитност, развиената интелигенција и работата не’ доведоа на ова место каде се наоѓаме денес. Во последните 100 години, нашата цивилизација е понапредната отколку од појавата на амебите до сега. Во овој свет на електрониката почнуваат да се губат основните инстинкти, емоциите и моралот. Лекот се бара во екстремните решенија.Секој го бара полесниот пат..
П.С. Пеер, до кога ги пуштаат мравките да искачаат навечер???
  *** 11 февруари 2003 ***
 И можеби како и повеќето(?) средношколци секој божји ден полека се извлекувам од креветот да го исклучам саатот кој непрекинато ме потсетува дека треба пак да се оди во школо, сонливо и флегматично се движам до вц-то и се шлакам со ладна вода неколку пати за конечно да можам да ги отворам очите и во огледалото повторно да го видам мојот секојдневно-гледан-и-веќе-досаден лик. Се облекувам на брзина, внимавајќи да не облечам нешто ептен ‘чкарт’ во комбинација па да ми се фаќа сеир цела школска година (или барем оној дел што остана), се чекам со Ана (моја најбоља френдица - како што би ја нарекло некое хрватско тинејџерско списание) и двете низ муабети што и како има ново се влечеме до ѕидините на веќе добро познатата математичка гимназија – Корчагин.
*** 1 септември 2006 ***
Денес е септемвриски ден; како да е средина на април. Сонце доволно колку да не биде ладно, со онаа блага светлина кога се’ изгледа поубаво од што навистина е. Душава ми знае, дека после тешката ноќ, и таа бидна осветлена.
Се измачувам себеси, те измачувам и тебе, без причина, од пусти страв. Како од големата загаденост на воздухот во Скопје да ми страдаат мислите. И чувствата, секако. Зборувај со мене, карај ме, обвини ме. Сум единствениот виновник за проблемите, но не сакам да бидам, верувај. Не ми простувај така лесно.
***некој јануари 2007***
Јас кога сакам, сакам...
Ама не кажувам
Зашто ми е страв дека со секое кажување
Сакањето се намалува...
И дека може да се потроши...
Хех
Знам дека звучи глупаво...
Ама.. пошто се троши
онака кога сакаш некого
А после некое време
Престануваш да го сакаш
Тоа што си го кажал претходно
Како да не важи
И како никогаш да не постоело
И затоа кога ќе кажам
Сакам да сум сигурна дека сум го удрила
Таванот на не-кажување и дека ако не кажам ќе пукнам
Тогаш, знам дека кога сакам, сакам...
*** 18 јуни 2007 ***
A smell of rain mixed with wine that was evaporating was spreading around. The people were standing, eating sandwiches, pricking cut sausages and cheering with small shallow glasses with a base and they didn’t care that the wine was spilling out. We took two sandwiches and a bottle of “Rosado” – a sparkly rose wine, sort of a red champagne – as the others were drinking. Squeezed among the others, sopping from the rain, in a small piece of space with our shoulders gathered, we started gulping the sandwiches with squashed tomato and ham – the most simple and famous Catalan food. I was chewing and smiling – I loved the place. Rodrigo put up his small glass of Rosado, and I followed him.
“Salud!”
*** 28 септември 2007 ***
MONOLOG 2
The prostitute: So many people around here. And no one is interested in me?! How can this actually happen? Are all of the people gay? Hey, look at me, am I gorgeous, or what? Come on, people, look at me! LOOK    AT    ME!!! ... I can’t fuck like this.

*** 6 ноември 2007 ***
Во паркот веќе ме чекаше сестра ми играјќи си со мачорот, кој скокаше наоколу радосен што конечно си нашол друштво, а јас им се придружив полека газејќи по полу-скапаните есенски ливчиња кои како полни жолти сунѓерчиња џврцкаа дожд под притисокот на моите патики.
Кучето, со многу кафеаво крзно и издолжен јамболиест сурат што наликува на Чубака, го имав оставено во колата, само. Си игравме со мачорот и дури откако ме издраска, раскрвари и безмилосно ги зари канџите во месото на мојата десна рака, полека ослободувајќи се, се сетив дека имам поверен пријател од него. Се стрчав кон колата да го ослободам, а тоа наместо да ми се лути и ’ржи, ми се фрли и ме лижеше по целото лице.

29 јануари 2008

Ретро на летото


Додека бев летово месец дена во Полска [да работам, шетајќи се со заработените пари!], цело време праќав групни мејлови од по неколку страници, за кои сестра ми ме мрази, а мајка ми ме обожава. Бидејќи настаните на крајот на летото беа страшни и не бев во состојба да постирам, еве го последниот од низата мејлови со кои ги спамирав моите другари и пријатели:

Си дојдов вчера со понеделничкиот автобус за 22 часа и 35 минути пат, за разлика од 24те на доаѓање :) Не отидов во Варшава, ниту Вроцлав, ниту Закопане... здравје друг пат [сегашна забелешка - бев во Гдањск и на роуд трип низ источна Полска во неколку малечки гратчиња, а во поголемите градови не отидов зашто ги планирав за последните два викенда, ама престојот ми беше скратен заради лошите настани]. Последниот викенд го искористив да го поминам со луѓето што бевме таму заедно и со кои многу се приврзавме... последно нешто што се случи за памтење е дека после супер излегувањето во интересен клуб, вечерта во саботата, Манфред (Швајцарецот) со неговиот IRELAND блузон тргна да се враќа сам пешки по дождот, 10тина минути порано од нас... некои пијани будали го нападнале, го скршиле од ќотек и после му го земале мобилниот. Претпоставка на сите е дека го нападнале токму поради блузонот, зашто ги мразат Британците кои за евтин лет доаѓаат до Полска, се пијанчат, прават белји и лумпуваат, закачаат женски на улици итн... и така неутралната Швајцарија се здоби со скршен нос, а сите ние со по некоја настинка од дремење на болница до сабајле со накиснати чорапи... Како и да е, после беше ок, се зезавме дека има фина виолетова шминка на очите која одговара на мојот нов џемпер, и дека супер е тоа што покрај сè не му го скршиле и слаткиот француски (уствари германски) акцент :) И тој си отиде 5 дена порано дома..

Заклучоци:
- не ги закачајте или иритирајте Полјаците после утакмица во фудбал дури и ако им одговара резултатот (саботата Полска:Португалија 2:2)
- не одете сами доцна навечер / рано сабајле, посебно не на дожд
- не носете блузон IRELAND во Полска (за секој случај не носете ниедна друга држава освен Полска)
- Краков сеуште е преубав град
- очукајте се пред да одите на долг пат, 24 саати многу лесно се преспиваат
- не одете на север ако не сте обожавател на дождот (супер е кога во Македонија ќе те пречека убав, сончев ден, 10 степени потопол од таму)
- користете ја секоја шанса да запознаете одлични луѓе, кои се надевам ќе останат пријатели засекогаш
- користете ги сите шанси што ви се укажуваат да патувате, дали за викенд или подолго
- не се бањајте во Балтичко Море (уште ме плашат 20тината медузи во метар квадратен што пливаат во нафта-вода)
- не правете забави во студентски домови премногу често (за после кога не сте таму да ве обвинат дека сте правеле белји во вц-а)
- не галамете кога сте пијани, а ако галамите заклучете ја собата, а ако не ја заклучите тогаш скријте си ги телефоните, апаратите и GPS уредите кај што не можат да ви ги украдат додека цврсто-пијани спиете.
- научете да готвите по нешто и гответе за другите, добро е кога некој после тоа ќе готви за вас
- не го оставајте лебот да стои многу време на влага, замислете - мувлосува
- секогаш имајте (еуро)крем при рака, посебно ако немате друг десерт
- имајте убав, нескршен чадор и не-платнени патики во земја каде што врне 25 од 30 дена преку лето
- трошете дури имате, ама трошете паметно. еднаш се живее
- секогаш проверете дали имате прашок за перење и омекнувач пред да ја уклучите машината за перење
- не ги сечете туѓите песни додека свират на забава, додадете ги вашите во редот на плеј-листата
- не носете плишано лавче во соба кај што влегуваат многу луѓе... ќе биде злоупотребувано.
- не претерувајте во пиење Жубровка
- ако одите во Полска, земете си канта бело сирење, нормален солен чипс, бистри супи и рерна
- држете се заедно со Балканците и Шпанците, секогаш биваат најдобри
- додајте ги сите нови луѓе на месенџер на време, да имате со кого да зборувате додека немате друга работа на работа
- посакувајте си сите во вашата соба лека ноќ... тоа ќе ви остане во навика и кога ќе се разделите
- потрошете некој кредит за да се јавите негде или пратите порака, секогаш и двете страни ќе бидат израдувани

...и доста е, 4:40ам е, ми се спие :)

08 ноември 2007

Круг од триаголник

Кога тој подзастана со четири уклучени трепкачи, се осветли неговото лице за момент од фаровите на колите што одеа во спротивна насока. Како брза мисловна секвенца ѝ надојде моментот од пред неколку часа. Одејќи во гужва каде немаше тротоар наидоа на бара со кал, тој ја повлече за да ја поминат маалската уличка, а една залетана кола ќе им ги скршеше нозете и на двајцата. Замолче исто како и тогаш, преплавена од страв, од помислата што можеше да им се случи во тој дел од секундата и се исклучи од светот во истиот миг, не забележувајќи го пцуењето на збеснатиот возач низ подотворениот прозор. Се врати назад кога од ново се осветли неговото лице од некои далечни фарови. „Внимавај повеќе, те молам“ промрмори и го бакна за добра ноќ.

Тркна до трафиката да купи весник. Прочита некој дел од наслов „...не го дава името и по цена на ...“, си помисли како треба да прифатиме друго име за надворешна политика. За домашна употреба – Република Македонија. За надворешна – Македонија. Се насмевна задоволно, во левата рака го свитка весникот и додека мафташе со него, во десната ја вртеше пет-денарката што ѝ ја вратија како кусур. Газеше полека по полу-скапаните ливчиња кои како полни жолти сунѓерчиња џврцкаа дожд под притисокот на нејзините патики. Погледна нагоре. Баш во тој дел зградите го ограничуваа небото во еден голем триаголник.

04 октомври 2007

Као што моеш

Има денови кога се оди како што не треба. Стануваш во 7, пешачиш до факс пола саат за да седиш таму еден саат, после се враќаш назад, спиеш малку, ти откажуваат гледање луѓето што сакаш да ги видиш, за 5 саати пак час и одиш пак пола саат до факс на предавање на кој не познаваш никој и се чувствуваш како сираче или квадрат, асистентот те заебува со неприсуство па немаш избор и си тргаш назад дома.

Ставаш слушалки и преку мобилен слушаш радио зашто немаш доволно место за сопствена плејлиста и слушаш што ќе пуштат на лајф радио или равел. За среќа е некоја повесела песничка, сонцето грее, му се радуваш, пред тебе паѓа сув жолт лист и си викаш „колку убав ден“. И сфаќаш дека си сам/а и нема со кого да се радуваш на ваков ден и да отидеш да се тркалаш во парк низ лисјата. Жешко е и ти се јаде сладолед, нема никаде во близина и како дете се радуваш на маалската продавничка што ја здогледуваш за 10 минути. Нема многу избор, па купуваш мразен сладолед каков што никогаш не купуваш и тоа со вкус на јагода - како што никогаш не купуваш. Го јадеш весело зашто ја нема мама или баба да ти вика дека мразот не е добар за грлото, а и да смениш вкус е супер на ваков ден. Си пешачиш и лижеш без да ти биде гајле дали некој тип во моментот кога ќе те здогледа замислува нешто друго во врска со тебе и твојот мразен розов сладолед. Песничките ти свират на уво, се чувствуваш како во спот, ги допираш ѕидовите на зградите и високите трефки, шеташ со сладоледот и таман го дојадуваш сфаќаш дека си пред продавница на Краш, си викаш „зошто да не“ иако е ручек време, влегуваш и си купуваш сто грама каролинки како што ги нарекуваше како дете, а всушност се чоколадиран ориз.
Си грицкаш весело од чоколатцата и таман доаѓаш дома, спикерот на лајф радио ја „завршува денешната емисија со пословицата или ако сакате - поговорката: Живеј го животот као што моеш, ако не моеш да го живееш као што сакаш“.

14 август 2007

Манч-мелоу

Долго време се туркав низ темницата за конечно да го почувствувам мирисот на мојот дом, кој и покрај се' не ми беше толку важен како неговиот мирис кога ме држеше во прегратка. И туку што го видов, мојот јазик се рашири покажувајки ги сите заби во мојата уста, но неговото смирено лице уште во моментот ми најави дека прегратката ке биде кратка, на што не обрнав многу внимание, се' додека навистина немав време ниту да го почувствувам допирот на неговата маица под моите пазуви. Додека стоев збунета, но сеуште срекна од помислата дека сум до него, го видов како се поздравува со неа. Долго. И ја бакна во средното око, а потоа во десниот образ. Таа што ја нарекував мојата најдобра другарка.
,,Па, добро“, си реков, ,,се зближиле поради мене, додека јас не бев тука“ иако знаев дека не е само тоа, не сакав да помислам на ништо друго и уште во следниот момент отидов до стаклената табла на која на една реклама цртаа заситени органски соединенија и каде фотографот Цуки редеше колачи во форма на пирамида. Веднаш штом ја заврши, со договор без ниту еден кажан збор, двајцата почнавме лакомо да ги јадеме манч-мелоуата од пирамидата, секој од својата страна. Со аголот на левото око можев да ги видам нив, каде што се гушкаат и тој ја бакнува во окото, па во образот. Сепак, во моментот, поважно ми беше да се дојаде кулата од манч-мелоуа кои лакомо ги пикав во устата оставајки чоколадо по целото лице и раце.
Внатре не прекина да врне дожд.

17 јуни 2007

Црната мачка

17 Јуни, 2007 - 22:42

Се тегнев во кревет откако ме подразбудија сите можни варијанти на домашни тропања и се обидував да се убедам да ги отворам очите за почеток на новиот ден. Полека, полека, се осмелив да ги отворам кога видов мачка до мојот кревет која ме гледаше со дречливо зелени очи. Ја погалив па се потегнав уште малку. Се свртев и пак ја погледнав мачката и сфатив дека не е мојата. Оваа беше скроз црна, мојата беше сиво-бела, не знам како сум можела да ги измешам. Сепак, не се чудев премногу, се излежував уште некое време мижејќи и отворајќи ги очите од време на време.
Си спремив корнфлејкс и чучнав пред телевизор да видам што има, а мачката полека со познатиот мачешки од дојде до мене и си чучна и таа. Мислам дека сериозно ја забележав кога тргнав за на факултет а таа одеше по мене, грациозно следејќи ме со тие чудни дречливо зелени очи. Ми се виде интересно, не се прашував од каде се појави, туку зошто ме следи.
На предавање седна на масата до мене, ама уште почудно беше што ниту еден професор не промр’чи зошто има животно на неговиот час. Некој од колегите ме праша нешто за материјалот на што бев незаинтересирана да одговорам, па го прашав како му се допаѓа мојата црна мачка, а на тоа тој ме праша на која мачка мислам.
Дури тогаш дојде моментот кога сфатив дека јас сум единствената што ја гледаше мачката. Отидов да пијам вода, таа беше до мене, отидов во читална, таа пак седна до мене. Избегав во кабината во јавното вц и таа наеднаш се појави таму. Почна да ми станува чудно и морничаво, па наместо на останатите предавања си отидов дома.
Цел пат го поминав во брзање и повремено вртејќи се назад да видам дали мачката оди зад мене, а таа секогаш беше таму, мирно следејќи ме. Не знаев што да правам ниту како да се ослободам од неа. Се’ што ми изгледаше интересно на почетокот, сега престана да биде смешно. Се чуствував како некој да ми го окупира просторот и сака да ме загуши иако се’ што таа правеше беше едноставно следење на мојот чекор и гледање со тие чудни дречливо зелени очи.
Си легнав уште пред да се стемни сакајќи да не ја гледам, но таа беше таму, во секој агол од моите мисли, од мојот сон. Се вртев на секое нејзино појавување и на секое будење ја гледав до мојот кревет каде што директно ме гледа во очи, пореална од се’ што сум можела да замислам. Беше една од најдолгите ноќи што сум ги проживеала во вртење, превртување, мижење и будење и конечно и ставив крај околу изгрејсонце кога станав целата препотена од загриженост.
Се почуствував како Раскољников. „Па јас не убив никого!“ си помислив. Размислував цело време, кроев филмови, крпев сеќавања, правев ретроспектива на целиот мој живот. „Што сум згрешила за да го заслужам ова прогонување?“ се прашував како да сум најголемата жртва на светов. Мачката седеше до мене и како да ми ги ставаше тие мисли во главата со тој нејзин ужасен поглед. Не можев повеќе, мислев дека полудувам, всушност, сигурна бев во тоа. Во истата состојба преседов три дена, седејќи во згрчена состојба на мојот кревет, грицкајќи го ноктот на десниот палец и гледајќи во една точка во подот, така што таа да не влегува во видното поле. Но, знаев дека е таму, го чувствував нејзиното црно присуство со дречливо зелени очи и не морав да ја вртам главата за да го докажам тоа.
Тогаш, ѕверејќи се во аголот на подот, се сетив и престанав да го грицкам ноктот. Не знаев дали е тоа вистинската причина, но вредеше да се обидам. Се облеков на брзина и со мачката зад моите петици, брзајќи отидов да му се извинам.

08 мај 2007

Недела

8 Мај, 2007 - 20:30



Овој расказ заедно со „Два погреба и венчавка“ беше испратен на жанровскиот конкурс за Електролит март/април... овој беше само пофален и ќе биде објавен во следната Маргина, додека трето место освоила Ина Пешевска со симпатичниот расказ „Недела, слатка недела“, кој се разбира не е „краден“ од ниедна страна (тој на Ина е пуштен на конкурсот после мојот, така што нема шанси мојот да потсетува на нејзиниот) иако во критиката тие два се споредени и не само по насловот „“Недела” од Ши (од жанровскиот конкурс) - не само насловот потсетува на расказот на Ина Пешевска: самосвесна и самосвојна женска проза со нагласен “женски” ракурс; зад тврдоста и самосвесноста сепак пробиваат нежни лирски тонови и потребата од љубов, признавање и разбирање, не?:-).“ Прво место освоила Нада Бувљак со расказот „Наследство“. Им честитам на сите! А мојот расказ се мислев дали да воопшто да го објавам, сепак еве го, а после овој неуспешен обид за пишување на откриен интимен расказ, ќе си се задржам на пишување скриени интимни раскази :) А да, и не пишувам веќе на жанровскиот конкурс:)
Недела
Таква беше рутината - секоја Недела попладне како по таен договор, тој доаѓаше кај неа. Јадеа индиска храна, гледаа филм на пиратско ДВД, имаа секс, па таа го бркаше да си оди пред да дојде 2 еј-ем. Преку цела седмица повремено се слушаа, се гледаа овде-онде, но знаеја дека ништо не испуштаат и дека следната Недела како и сите останати ќе биде само нивна.
Таа Недела, тој отиде до ресторанот за индиска храна, потоа купи филм од некоја дива тезга, и за прв пат сврати до цвеќарница за неа. И’ купи еден голем убав Сончоглед, за кој одамна знаеше дека е нејзино омилено цвеќе, но знаеше и дека таа мрази подароци колку што ги мрази ружите. Се наоружа со храброст, со Сончогледот во одбранбени редови и заѕвони на вратата. Беше изненаден од пријатното заблагодарување, и таа веднаш го стави цвеќето во шарената вазна на трпезариската маса.
Оваа Недела нешто беше поразлична од другите, ни самиот не знаеше зошто. Го изгледаа лигавиот романтичен филм додека јадеа од книжните тањирчиња со отпакувана алуминиумска фолија од страните. „Чудно“, си помисли тој, но таа како да беше разнежнета од филмот. Или од Сончогледот, можеби.
За миг по почетокот на одјавната шпица, алиштата се влечеа по подот околу троседот, а тие се најдоа во таква прегратка, од каква што никој никогаш не би можел да ги оддели. Се движеа во ритамот на звуците што заедно со раната пролет доаѓаа низ отворениот прозорец. Неа за прв пат во мислите не и се мотаа прашања дали е доволно убава, дали косата и е доволно сјајна, дали кожата и мириса на лаванда или дали тој нема да примети дека и потпораснале влакната на нозете. Таа Недела, за прв пат заедно се искачија до сите врвови натрупани од енергија што двајца може да ја чувствуваат еден за друг. Сеуште задишана од брзиот ритам на срцето, како да се струполи врз него и го зтскри нејзиното лице во неговата прегратка, а тој почувствува солзи на неговиот образ. Таа Недела, таа целосно му се препушти и тој тоа го знаеше. Облеана во солзи, со потечено лице и црвен нос, таа сеуште му изгледаше како најубавата жена на светот. Ја сакаше повеќе од се, сега, кога знаеше дека конечно е негова. Таа се поттргна колку да го гледа во очи. „Глеј повреди ме... ќе ти ги исечам јајцата“ низ солзи и смеа му рече. Тој се насмеа и цврсто ја гушна, преплетувајќи ја едната рака во нејзината коса како што во тој момент беа испреплетени нивните тела.
Таа посебна Недела, во 2 еј-ем, за прв пат таа не го избрка да си оди.

22 април 2007

Два погреба и венчавка

22 Април, 2007 - 20:05


„напиши расказ во стилот на... (верувале или не!) шпанска серија!“ - Електролит - март/април 2007

„Наташка, разбуди се“ со мил глас ја будеше баба и’ Душка.
„мммм… “ пром’мла таа рассонувајќи се. „Колку е саат?“
„Седум. Ќе одиме со дедо ти во Битола, еве ти го клучот од нашиот стан, дај и’ го после на мајка ти“
„… што ви текна сега да одите?“
„Умрела баба Митра, Бог-да-ја-прости“
„Добро бабо… поздравете таму“ рече и пак се преврте во кревет.
____
„Ало, дадо, што правиш?“ и’ се јави Христина на сестра и’.
„Еве, на работа“ и’ одговори Весна, мајката на Наташа. „Имам клиенти.“
„Абе… мама и тато тргнале за Битола. Чичо Тасе умрел.“ и рече на брзина.
„Оф, леле… па долго беше болен… Жал ми е за тато, сите браќа му отидоа… Ако овој беше толку терсене, пак е тажно.“ се пожали.
„Тоа е… нека е тато здрав и жив. Ај, ќе се чуеме подоцна, да видам дали стигнале“ одговори и ја спушти слушалката.
____
Ѕвонењето на телефонот кое Наташа го мразеше најмногу од сабајле ја натера да стане и да отиде до дневната соба.
„Ало!“ извика нервозно и со длабок глас.
„Те разбудив? Извини мило“ рече мајка и’.
„Баба ти отишле за Битола?“
„Да, ме разбуди кај 7, сега колку е?“ праша зевајќи.
„11. Ти кажа дека ќе одат кај дедо Тасе на погреб?“
„Не бе мамо, кај баба Митра???“ одговори зачудено.
„Како бе, сега ми се јави тетка ти, рече Тасе дека умрел?“
„Не бе мамо, спиев, ама не сум до толку. Рече дека е баба Митра. Од дедо Митре, брат му на дедо, со син Мендо што е к’о Досе од Бегалка…“ почна да објаснува.
„Не се прави многу паметна, знам која е баба Митра. Зошто тогаш тетка ти ми рече дека е Тасе?“ се запраша.
„Што ве знам, сите сте како расипан телефон“ и реков.
„Ајде, ајде, доста. Продолжи да спиеш.“ рече.
„Чао.“
___
„Здраво, Весне. Марга овде.“
„Здраво Марге, како е во Битола?“
„Слушна за Митра?“
„Абе ми се јави сестра ми, ми рече чичко Тасе дека умрел, а мајка ми и’ рекла на Наташа дека била Митра! Значи Митра е, а?“ праша.
„Леле, да се чудиш. Двајцата!“
„Како бе двајцата?“
„Па бевме синоќа да бдееме кај чичко Тасе, цела вечер. И баш тогаш накај 2 сабајле умрела и Митра! Можеш да замислиш?“
„Не ми се верува….“
„Да… арно рекле, најголемите душмани Господ заедно ги зема..“
„Е, да. Дури беа живи, очите ќе си ги ископаа. Откако умре Митре, само се караа за нивите која е - чија е.“
„… и сега во ист ден си умреа. Пу пу.. душман да немаш на Светов.“ продолжи братучетката.
„Добро… моите тргнале за натаму, мислат само Митра дека умрела. Не знам кој ќе му каже на татко ми, се плашам да не го стрефи срцето. Ќе и’ речам на Христина да му каже откако ќе стигнат.“ со туфкање рече Весна.
„Добро, јас одам да се спремам за на погреб. Се слушаме“ беше кратка.
___
„Еј, мамо, си дојде?“ без да ја погледне праша Наташа додека јадеше и гледаше телевизија.
„Да, остај… каков ден…“ искоментира Весна вадејќи ги работите што ги купила по пат од продавница.
„Стигнале баба и дедо?“ праша џвакајќи.
„Да. Инаку Митра била…“
„Гледаш дека не бладам?“ праша задоволно.
„…. и Тасе“ се доискажа мајка и’.
„Аман бе? Сериозно?“ престана да џвака.
„Да.“
„Ајдее… шпанска серија“ се насмеа. „Извини!“ додаде.
„Ми се јави тетка ти Марга, ми кажа.“
„Пак оговаравте? Ептен сте си погодени“ пак се насмеа. Мајка и’ ја погледна луто. „Извини, знам дека не е за смеење, ама ептен сте ми смешни“ дофрли.
„Што сакаш за ручек?“ ја праша за да го прекине разговорот.
___
„Добар ден, Васке. Како си?“ баба Душка ја праша фризерката.
„Оооо, Душке, од кога те немам видено! Што наваму?“ ја праша.
„Умрела снаата Митра, па погребот е денес.“ одговори.
„Бог да ја прости. Онаа од Митре?“ допраша.
„Да, таа.“
„Таков е животов. Не знаеш кога ќе си одиш.“ констатира.
„Така е.“ воздивна Душка.
„Со фарбање?“ праша.
„Не мора, не одам на свадба“ одговори Душка.
___
„Слушај, Кика, и Митра умрела.“ подоцна и’ се јави Весна на сестра и’.
„Знам, им се јавив на мама и на тато. Стигнале, ама никој не му кажал на тато за брат му. Може нема да стигнат на двата погреби, во исто време биле.“
„Како бе, никој не му кажал? Па брат му е?!“ се зачуди.
„Така, јас и’ кажав на мама да му каже кога ќе мисли дека е најдобро.“
„Добро си направила. Уште да му се слоши на тато, што би правеле?“ реторички си се запраша Весна.
„Слушај, ќе одам и јас за Битола, да не ги оставам сами.“ додаде Христина.
„Добро, оди. И известувај ме што се случува“ рече Весна и продолжи да готви.
___
„…И така ти велам Душке, го чекам чупево да дојдат со мајка му за да ги запознаеме со оној братучедот од мажот ми, греота се на старост да бидат сами. Вака барем таа ќе му ја гледа куќата, а тој ќе ја чува.“ се сврти муабетот во фризерницата.
„Добро бе, Васке, се немаат ни видено?“ праша баба Душка.
„Да де, сега ќе се видат. Туку тој суртук е ептен, ама жал ми е за чупево, остаре немажена. Цел живот само за браќата и татко му работеше.“ додаде Васка.
„Туку… а да почекаш малку? Имаме ние еден внук за женење… а?“
„Чиј е тој, мори, Душке?“ праша заинтересирано.
„Од Митра, де, Менде. Остана сам сега, нема кој да го гледа. Цел живот мајка му му ги пребираше девојките, ниедна не беше доволно добра за него. И ене го, остаре и тој, а сега нема да има кој да му ги пере гаќите. А има два стана, едниот за него го токмеше, другиот таа да седи. Сега празни ќе бидат.“
„Е, па, ај к’о велиш, да ја откажам средбава, можи ќе се бендисаат.“
___
„Дадо, тргам јас за Македонски Брод.“ и’ рече Христина на Весна по телефон.
„Што те натерало натаму да одиш? Мама и тато кај се?“ праша зачудено.
„Ги оставив во куќата, веќе неколку дена тажи тато што не му кажаа за брат му.“ одговори. „Одам да го носам Мендо, мама нашла некоја жена за мажење.“
„Ајде??? Па само неколку дена поминаа откако умре Митра?“ се изначуди Весна.
„Да, ама таков е животот. Чувај му среќа да се бендисаат!“ се насмеа весело Христина.
„Добро, нека ти биде. Сега и мама и ти стројници станавте, а?“ се насмеа и Весна.
„Остај. Ајде, поздрав!“
„Чао…“ уште не рече Весна кога се спушти слушалката од другата страна.
____
„Еее… тето, кај си? Конечно си дојде, а? Скоро цел месец помина таму.“ праша Наташа.
„Еве да ве израдувам… Менде ќе се жени!“ се насмеа победнички.
„Ијаа… стварно? Се бендисаа кога се видоа, а?“ се насмеа Наташа.
„Да, бе. И после Мендо за 8ми Март, купил мобилен, па бил до Македонски Брод, па и’ честитал…“ почна да раскажува.
„Не зафркавај?! Ама ти се модерни стројничкиве приказни.“ се засмеа уште посилно.
„Да, да… и таа му рекла да чекаат да поминат четириесет дена од погребот на тетка Митра, и сега кај и да е за некој ден ќе се пресели кај него, па здравје и свадба ќе правиме!“ довикна Христина.
„Ех, што сте виее… па и младите од по пеесет години. И чекаше мајка му да умре за жена да си најде, хе хе хе“ почна да се потсмева Наташа.
„Мало, ти доста!“ се подналути Весна, па се сврте кон сестра и’ „Значи како сте ја наредиле со мама…“
„Да, па биле до кај нив после, да ја видат невестата. Се’ е готово, па мама кума ќе биде!“ весело рече Христина.
„Е па, ај, за арно нека е. Си за кафе?“
„Никогаш не одбивам. Мора малку, за најдобрата стројничка!“ си се пофали и двете слатко се насмеаја.

26 февруари 2007

Чамец

26 Февруари, 2007 - 18:06

Пловеше низ убавата ноќ, веслајќи со едно весло на едната, па на другата страна, вртејќи се наоколу во ритамот на рацете и длабоко вдишувајќи. Месечината беше колку третина од целото небо како и обично, а тој се враќаше со богатиот улов на ѕвезди. Внимателно си го паркира чамецот под дрвото, го заврза за да не му одлета и полека газејќи на облаците за да не пропадне се придвижи до Седиштето.
Тоа беше една стара напуштена католичка црква од Југот, која сега ја користевме како база за измислување на нови уметности. Внатре, распоредени во групи, едни цртаа стикери, други сечеа хамери, трети фарбаа платна, четврти редеа сликички на стар печатач за каталогот, петти сецкаа колажи, шести лепеа слики на стари компјутери од далечниот 21 век. Се поздрави со сите, ја лупна полната мрежа со ѕвезди на масата пред мене, и повторно го опфати еуфоријата што сите ја чувствувавме пред некој настан, кога се спремаше нешто навистина големо, нешто поголемо од нас, како што беше во тој момент. Ние бевме творците на она што беше заборавено, крпевме парчиња од нашите души и ги обновувавме сликите од нашите соништа.
Ги оставив да ги отплеткуваат ѕвездите од мрежата, се прошетав кон местото каде некогаш имало олтар, па се доближив до левиот ѕид, застанав покрај прозорецот и се загледав кон дрвото, на благата светлина од Месечината која сеуште зафаќаше третина од целото небо.
„Доколку чамецот не беше заврзан, каде ли ќе бев сега?“

19 февруари 2007

На Воденица

19 Февруари, 2007 - 20:11

...на Дедо ми
Ми требаше една доза на google maps за да се вратам назад...

Воденица е местото каде што прадедо ми имал воденица за мелење брашно. Некои од камењата сеуште стојат гордо наликувајќи на ѕид. Тоа бил оној прадедо што го испуштил Титаник за малку, а потоа отишол во Чикаго на печалба и кога се вратил со куфер злато во околината на родниот град купил се до каде му фаќало окото...
Сега, секое лето одвај чекавме да одиме; си ги земавме петките од училиште и веднаш потоа одевме со сестра ми и братучедите да седиме таму со месеци, на Воденица, каде срцето на дедо ми отсекогаш се наоѓало. Имал шнајдерски дуќан во Старата Чаршија, со седум чираци, и секогаш велел дека „Сингерката“ што сеуште ја има е мајка на таа куќа каде што одевме.
На Воденица се копаа ниви, цвеќиња, кругови околу дрвцата. Се полеваше дворот, се береа цреши, јаболка, сливи, се чукаа ореви, се вееше грав, се корнеа моркови. Се вареше ракија, се потпалуваше огнот, се правеше „топеница“ од сабајле, се одеше на вода со бардиња, се пееја песни за момето што одело на вода како нас. Се рипаа вирови, се лееше вода, се собираа чаури низ планината, се береше планински чај и диво цвеќе. Се бркаа овци, се јаваа шарпланинци, се задираа коњи, се тепаа оси, се собираа муви, гуштери, скакулци, желки.. Се јадеа леб и сирење, лубеница на резанки, се пиеше пресно козјо млеко од кај Јаневци. Се бањаше со згреана вода од буре, се мочаше во полскиот клозет во двор, се переа алишта на рака во корито. Се играше фудбал со крпи, бејзбол со откорнати штици, се паѓаше и стануваше со крвави колена и лакти. Се шеташе бесцелно, се прпелкаше во сувите треви, се лежеше во наросена детелина. Се набљудуваше езерото од највисоко и се гледаше како сонцето заоѓа зад рудникот за мермер. Се раскажуваа приказни, се гореа комарци, се пробуваа стари алишта, се читаа стари броеви Политикин Забавник, се гасеа газиени ламби за, лежејќи на сунѓерот за кревет изваден на тераса, да се гледаат... ѕвезди повеќе отколку што може да се замислат.

03 февруари 2007

На облаците

3 Февруари, 2007 - 03:56

„А Б В Г... “ свиреше мојот рингтон од Бушава Азбука на кој бев посебно горда; рече дека ќе ми титне кога ќе стигне да ме собере, пред зграда. Фрлив поглед преку прозор, тој веќе се паркирал со новиот сребрен велосипед пред него лебдејќи (авт.заб. „велосипед“: понатаму во текстот опишан како „точак“).
„Ајде, скокај“ – весело ми рече.
Отсекогаш сум го мразела качувањето на точак преку прозор, едноставно, нели, не беше практично (посебно кога бев наоблечена со десет слоја алишта и се чувствував како ѓуле). Сепак, скокнав и точакот се вивна нагоре. Со цела душа ги чекав тие прошетки над Скопје, секој месец, точно на први, точно на полноќ. Секогаш се погодуваше убав ден, со убава ноќ, а во такви убави денови, и такви убави ноќи, го сакав мојот град. Се смешкав додека во главата ми свиреше некоја песна од радиото што ме разбуди тоа утро и се држев цврсто за него гледајќи надолу во светилките додека студениот ветар наоѓаше пат до моето лице преку шалот.
Ми рече дека овој пат ќе ме носи и повисоко, на облаците...

09 декември 2006

Нимфа

Цитат од конкурсот на Темплум:


На второто место се наоѓа, нам (веројатно, и вам:) познатата блогерка She. Нејзиниот расказ, „Нимфа“ е можеби подобро конструиран и попрецизен, но поради „неактуелноста“ на темите го загуби првото место. Можеби некој ќе рече дека тоа е неправедно, зашто расказот на She содржи митски и архетипски вредности, кои не можат да се окарактеризираат или позиционираат временски и просторно. Расказот на Ши нèподучува на многу нешта, упатувајќи ни суптилни пораки за животот, љубовта и посакувањето преку еден бајковиден, фантазмагоричен свет на митски суштества и анимистички релации кои се, можеби, антропоморфни, но секако делуваат автентично,  во што е силата на овој расказ.


9 Декември, 2006 - 17:53

Дријада беше една обична нимфа кojа беше заробена во тело на стаорец поради клетва фрлена за некoj грев на нejзините родители. Откако знаеше за себе живееше во едно дабово дрво во средината на централниот градски парк и не се дружеше многу со другите стаорци бидејќи знаеше дека е подобра од нив. Останатите нимфи го мислеа истото за неа како таа за стаорците, така што таа не се вклопуваше во ниту еден од двата круга.
Секоја вечер таа излегуваше на ливадата покрај езерото и се дружеше со Месечината, уживаше во нејзиниот отсјај во водата и се капеше во нејзините зраци додека чепкаше по ѓубрињата што ги фрлиле туристите во текот на денот. Тоа го правеше целиот нејзин живот и никогаш не се надеваше дека некој ќе ја препознае нејзината вистинска душа, токму поради тоа што уживаше во друштвото на Месечината. Покрај неа се чувствуваше среќна и сигурна, нејзините ноќи беа исполнети со љубов бидејќи знаеше дека Месечината сјае токму за неа и за никој друг.
Една ноќ, после нејзиниот дваесет и некој роденден, толку многу се заигра со Месечината што не ни почувствува кога заспа на брегот наместо да се врати во својот даб како и секоја ноќ пред муграта. И тогаш, за прв пат се запозна со полниот сјај на Сонцето, изворот на делумната светлина што и’ ја посветуваше Месечината. Беше вчудоневидена како некој може толку да ја сака за да може толку да ја грее, да ја милува толку убаво по нејзиниот грб, како да не приметува дека нејзиното крзно е толку грдо. Го помина целиот ден покрај езерото капејќи се без грижа, трчајќи меѓу луѓето и трошките кои ги фрлаа и за кои гулабите се тепаа. Не и’ беше грижа за ништо, беше воодушевена од новиот свет кој го запозна благодарение на Сонцето. Вечерта не можеше а да не и’ се придружи повторно на Месечината, која отсекогаш била толку нежна спрема неа. Но, овој пат додека Месечината ја допираше со нежните зраци, Дријада мислеше на Сонцето и неговата силна топлина. Во муграта наместо да се повлече во својот даб, остана покрај езерото и со нетрпение го чекаше него, додека Месечината полека заоѓаше зад дабовата шума.
Ја љубеше Месечината, а се заљуби во Сонцето. Со денови не спиеше, ги сакаше тие два вечни извори на светлост, толку блиски и толку различни. Но набрзо почна да чувствува умор. Нејзината љубов беше бескрајна, но нејзиното тело не беше бесмртно. Знаеше дека не може да продолжи без сон. Не сакаше да си признае, но знаеше дека мора да избира. Со солзи на очите во муграта реши да не го чека повеќе Сонцето и отиде во својот даб. Но, наместо да ја стигне сонот кој ја бркаше толку долго време, таа продолжи да плаче слушајќи го веселиот џагор што се слушаше од паркот. Плачеше од дното на душата, плачеше за Сонцето, за Месечината, плачеше за неа и својата судбина. Откако надвор се' стивна, полека се извлече од нејзиното дрво. Знаеше дека Месечината нема да се појави уште некое време, па полека се одвлечка до езерото и се погледна во него. Водата беше необично мирна, и таа зачекори во неа, полека. Плачеше како да и се одзема животот, губеше здив по здив.
Сфати дека Месечината е дел од Сонцето, а дека за неа и Сонцето некогаш ќе и стане Месечина. После долго време поминато под вода, таа реши никогаш повеќе да не излезе на површината.. за никогаш да не мора да избира меѓу нив. Солзите се сврзуваа со капките, како што почна да се сврзува нејзиното тело со езерото... и таа повторно се претвори во нимфа! Клетвата на Дријада беше конечно скршена. Оттогаш беше позната како Лимнада - езерската нимфа која се заколна никогаш повеќе да не љуби.

19 ноември 2006

Приказни од Барселона

19 Ноември, 2006 - 14:59
(5) Приказни од Барселона
* * *

Петок вечер, огромен бар со најлошата сангрија што кога и да било сум ја пробала, во кој, само од нашата група, бевме собрани педесетина души. Сите пиеја и пееја, група свиреше традиционални шпански песни специјално за нас, а јас бев единствената која не уживаше целосно во атмосферата. Нервозна, отидов кон првиот од организаторите што го сретнав, еден од позгодните дечки во групата.
„Амат, дали има некој супермаркет во близина?“ прашав љубезно.
            „Зошто? Не може сега да се делиш од цела група“ ми одговори.
„А, ќе има супермаркет на пат кон клубот?“
„Најверојатно да. Зошто ти е?“
„Морам да одам до супермаркет. Ако треба ќе почекам, но морам да одам... да купам нешто“ го стишив гласот „знаеш...“ и свртев со очите.
„Ааа...“ се насмеа. „Мислам дека има еден тука во близина“ ме фати за рака и ме повлече надвор. Таму стоеја уште некои организатори и учесници. На прашањето каде одиме, тој само одговори дека ќе бараме супермаркет, а сите мислеа дека одиме негде „на само“.
Супермаркетот зад аголот беше затворен и кога видов направив очигледен потег на разочараност и за малку што не заплакав. Во тој момент, поминуваше патролна кола, а Амат се потпре на неа и праша дали има негде во околината отворен супермаркет. Она што разбрав од каталонскиот беше дека се е затворено и во околината нема ништо. Во тој момент забележав на совозачкото седиште дека се наведна женска – цајканка; ме погледна, го праша нешто Амат, потоа излезе од колата, сврти цел круг од предната страна на колата придржувајќи го пендрекот на појас и ми пријде. Застана блиску до мене, погледна наоколу и кога виде дека Амат се оддалечил ме праша „Ти треба тампакс?“
Амат и Месечината ми беа сведок дека во тој момент бев најзасрамената личност што било кога постоела. „Да...“ пром’млав, се смеев неверувајќи во каква ситуација се наоѓам и се молев земјата да се смилува на мене и да ме голтне во тој момент. Таа сврте зад колата, го отвори багажникот, го најде нејзиниот несесер и дилерски ми подаде два. „Земи, ќе ти се најдат“ ми рече. Со истиот тон како тоа „да“и се заблагодарив и уште поскришно ги пикнав во ташна. Кога се свртев Амат се газеше од смеење, примети дека го гледам и се потсмири. Јас веќе брзав кон барот смеејќи се усрамена, тој проба да ме следи и во одењето ме праша „Се е во ред?“
„Да“ се смеев и поцрвенев уште толку.
„Уживај, тоа е нормална работа“ одговори и пак почна да се смее.

* * * 

            Тие последни неколку дена почнавме да спиеме насекаде – во ресторани, во метро станици, на концерти. Препекани за одмор отидовме во паркот Сиутадела. Таму по повод празникот се одржуваше концерт, имаше жонглери и целиот народ од градот беше испоседнат по тревниците.
            Ме разбуди некое чудно чувство на лицето, замавнав со раката и фатив тревка. Кога ги отворив очите две раце трева се истурија на мене, а потоа и понатаму тревата продолжи да паѓа.
„Симонееееее... ааа....“ зацимолив. „Ама те молам остави ме да спијам! Те молаааам...“ очајно со смеење го молев да ме остави на мира, а тој се смееше и продолжуваше да го прави истото. Тогаш се решив, станав и со сета сила го нападнав огромното човечиште од Рим.
„Дон Ричарди, кога убаво те замолив да ме оставиш да спијам... сега си заслужи!“ му за’ржав.
Зедов со раце да го давам, а Влад се смееше и сликаше од разни агли. Кога видов после некое време дека за фотографот веќе не е интересно, се откажав од давењето и си се спружив на тревата, а Симоне почна да малтретира некој друг.
Низ трепавици го забележав Влад како повторно лови добри слики. Петра спокојно спиеше на тревникот посеана со првите есенски лисја. Беше завиткана во марамата на Тини, со испружена рака под главата. Русата коса и беше зафрлена наназад, а големата алкаста обетка падната на образот.
Испадна една прекрасна фотографија.

* * *
10 коментари | за печатење | прати по e-mail | 629 пати прочитано | 3 trackbacks   #
6 Ноември, 2006 - 01:40
(4) Приказни од Барселона

* * *
На пауза од плажа отидовме на ручек. Се беше во принцип на самопослужување – земаш послужавник, го ставаш на шини, ставаш храна и го туркаш понатаму. Откако го наполнив мојот со паеља и останати додатоци, седнав на една од огромните долги маси. Околу мене веќе беа пополнети сите седишта и се правеше муабет за руси и црни девојки.
„Во принцип, русите сакаат црни и црните - руси“ тврдеше русиот Рејнхолд. „Секогаш го сакаш она што го немаш, а кај нас нема црни девојки“ продолжи.
„Да, јас, пак, сакам руси“ се надополни црномурестиот Серхио „Всушност, сите ми се исти, само да се добри“ досетливо додаде и се насмеа.
„Не знам“ се надоврзав „Јас сум црна и не сакам руси дечки“
Рејнхолд беше шокиран „Зошто? Им фали нешто?“
„Не бе, едноставно сакам црни дечки“ му дообјаснив.
„А некој ако е ептен убав?“ ме допраша.
„Види го сега... можеби, не знам. Ама преферирам црни.“ се заинаетив.
Рејнхолд молчеше и со вилјушката ја префрлаше паељата од едно на друго место во чинијата.
„Размисли, некогаш можеби ќе откриеш дека грешиш“ тивко рече и кога виде дека не сум заинтересирана за јадењето, додаде „Ќе го јадеш месото?“
„Не, повели“ му реков и го префрлив големото парче кај него.
„Фала.“ рече и продолжи да јаде.
„Ако сакаш, земи и од оризот“ му предложив, а тој само одмавна со главата.
Дотогаш, другите веќе беа почнале да зборуваат за одење назад на плажа.

* * *

„Салва!“ му реков.
„Сандра!“ ми рече.
Два-три дена, тоа беше единствениот наш разговор. Колку и да беше глупаво, ми беше интересно.
Помина пак покрај мене.
„Салва!“ му реков. Се сецна и се врати назад. Кога виде дека сум јас се насмевна, ми рече „Сандра!“ и продолжи понатаму.
Отидовме во џез бар, свиреа некој бенд од внатрешноста на Шпанија, очигледно доста популарни. Салва носеше маица со натпис „рокер инсајд“. „Салва-Сандра“ муабетот веќе го искористив.
„Салва!“ се сврте и пред да ми зборне го прашав „Која боја ти е четката за заби?“ Не беше зачуден и мртов сериозен ми одговори „Имам две, една за кога патувам и една за дома. Таа со која патувам ми е сина, а другата е автоматска на батерии за мрзливи луѓе – црна со зелени вонземјани.“
Кога се изнасмеав, ми дообјасни дека ја добил гага од мајката на некој другар што била стоматолог. Се смеевме задоволни за нашиот прв муабет.
Во книгичката што на заминување ја читав во авионот, ми напишал:
„Сандра! Фала за сите тие долги разговори што ги имавме за време на БЕСТ инженерскиот натпревар. Изгледаме супер во црно/бело (Панос штотуку не’ сликаше).
Некој ден ќе ти пратам слика со моите ’вонземјани’ :)
Салва.“

* * *
                Стигнавме до плоштадот Рејал.
„Океј, дечки. Слушајте ја задачата: ’Да се дознае кој ги дизајнирал лампите на плоштадот’...“
По еден краток поглед на канделабрите извикав „Па овие се на Гауди!“. Серхио како организатор потврди.
„Јеее! Океј, продолжувам! ...’и да се научи детска каталанска песничка, да се пее и да се игра’.“
„Оу, шит. Кај ќе убедиме сега некој да ни пее детски песнички?“ извика Ѓуро.
„Мора да бараме, ајде!“ врати Петра.
Прашај едни – туристи, прашај други – пак туристи. Прашавме едни старци што седеа на клупите, а тие пола саат се убедуваа кој од нив најдобро пее за да не научи. Се откажавме од нив и отидовме кај полицајците што патролираа наоколу.
„Извинете, може да ни помогнете?“ Не гледаа намќоресто. „Играме игра што се вика ’Сити Рели’. За дадено време мора да одиме на одредени места низ Барселона за да ги запознаеме, а патем да одговараме на прашања и да исполнуваме задачи за поени. Е, тука, на плоштадов, задачата ни е да најдеме некој да не научи типична детска каталанска песничка...“
Нивните лица се разведрија.
„Уф, кај не најдовте? Не сме од Каталонија.“ одговори едниот.
„Чекај, нели имаше една...“ после кратко мислење се заинтересира другиот и почна да пејуцка  „Тан тана нан тан, тан тана нан тан...“
„Да, да, одеше некако... Бајжан нан тан, тан тана нан тан, уна ноја, уна ноја, тан тана нан тан тан, ун гато и ун тан тан... Да, да!“ се потсети првиот.
„Може да ни ја напишете? Колку да разбереме?“ прашав и му тутнав лист и пенкало во рака.
„Да, нема проблем“ и почнаа да пишуваат со меѓусебни консултации.
„Дечки, бидејќи нема игра песничкава, дај да ја играме ’Ринге, ринге, јаја’, може?“ не праша Јеја од Хрватска.
„Еј, супер!“ довикна Ѓуро и на брзинка и објасни на Унгарката како се игра. Кога полицаецот заврши со пишување, го замоливме уште еднаш да ни ја испее. Си ја потпевнавме сите со него, колку да ја научиме мелодијата.
„Ок, фатете се за рака, еве го текстот ќе го држам. Сите... ајде, почнуваме!“ реков.
„Серхио, снимај!“ викна Јеја.

17 коментари | за печатење | прати по e-mail | 622 пати прочитано   #
24 Октомври, 2006 - 17:39
(2) Приказни од Барселона
 * * * 
            Секогаш кога ќе ме прашаа од каде сум и кога ќе го слушнеа одговорот, потврдно климаа со главата, но знаев дека врска немаат каде се наоѓа Македонија. Некој ме праша како е во мојата земја, како се живее. Инспирирана од една реченица на моја другарка, одговорив дека се живее добро. Дека 80% од луѓето користиме слонови за превозно средство (копирајт за другарка ми) зашто е поефтино да ги храниш нив со трева отколку да плаќаш бензин и дека останатите 20% возат автомобили, ама претежно тоа се богатата класа.
 
            „Секој има точно по едно дете и тоа ќерка, која го наследува слонот како мираз. Без слон, девојка не може да се омажи, додека од кај дечкото даваат само колиба. Да, да. Живееме во колиби од по една соба, но доста се пространи. Кај мене во иста соба спиеме моите родители, сестра ми, баба ми и дедо ми. За спиење мачката ја пуштаме надвор, но таа секогаш наоѓа отвор во ѕидовите за да ни се придружи, посебно во зима.
 
              Значи слонот е за мене, а сестра ми ќе работи некаде како чистачка кај богаташите и нема да може да се омажи. Жал ми е за неа, па размислувам да се откажам од мојот слон во нејзина корист.
 
               Возовите во Македонија се составени од десетина слонови, споени со сурла-опашка синџир. Така стигнав до Словенија, па потоа фатив нормален воз кога доаѓав наваму, во Европската Унија. Во Словенија купив и некои алишта, зашто со нашите традиционални гаќи било срамота да се шетам тука, барем така ми кажаа мудреците од моето племе.“
 
                Додека зборував многупати прекинав поради огромна смеа што ме гушеше. Нормално беше дека не ми веруваа, но границите на верувањето беа поместени: кога на крајот ги канев да дојдат во Македонија бараа да им резервирам хостел, зашто немало смисла да спијат со целата фамилија во иста соба :)
 
* * *
 
                Се мислев на кого ми личи долго време. Кога конечно ми текна му пријдов расположена.
 
                „Ола, Начо, мој замислен пријателу!“ Ме гледаше уште почудно од моментот кога му ја раскажав приказната за Мексико.
 
                „Си го гледал ’Прекрасен Ум’? Филмот за генијалниот математичар? Епа, јас и Расел Кроу имаме ист замислен пријател – ти!“ и со смирен глас додадов „Само јас го немам девојчето, многу беше молчаливо.“ Се насмеа и рече дека и други му кажале дека личат со тој глумец
 
                „Нема глумец во филмот, знам дека си ти. Исто толку колку што знам дека навистина си најрусиот вистински Шпанец што постои. Кхм, Каталонец, извини.“ се насмевнав зашто тој знаеше дека се зезам за Шпанско-Каталонски работи.
 
                „Башка, знам дека повистински не можеш да бидеш, зашто јас те измислив! Исто како што знам дека вистинско име ти е... Игнасио!“ се изнасмеав од срце.
 
                „Начо! Се викам Начо! Заборави го тоа ’Игнасио’!“ малце се подналути.
 
                „Не се секирај, ќе го задржам тој податок меѓу нас двајца, мој замислен пријателу!“ му намигнав, а тој пак се насмеа како претходно.
           
             Знаев дека мисли дека сум вистински луда, како што тој е вистински рус. По уште неколку од моите приказни, ме завика „кордера*“. А јас додадов „кордера лока**, мој замислен пријателу“.
 
_____________________
*кордера = буквален превод - јагне. во говорен јазик – мила, миличка.
**лока = луда

27 Октомври, 2006 - 14:54
(3) Приказни од Барселона
* * *
                „Еј, Начо, ти ја раскажав приказната за мојот брат близнак?“ го прашав.
„Не...?“ несигурно праша, се смееше знаејќи ги моите приказни и ја очекуваше новата.
„Сандро, дојди! Еве го! Се најдовме после 21 година.“
„23“ ме поправи Сандро.
„Да, да.. и за тоа има објаснување“ реков, и Начо ги начули ушите да го слушне.
„Пред 23 години, нашата мајка го родила него, а била во болки две години се’ додека не сум се родила и јас. Него го сакала зашто немала маки, но мене ме мразела заради изгубените две години од нејзиниот живот. Така, кога решила да се откаже од нас, него го дала во Шпанија, а мене ме фрлила во Македонија.“ Сега и двајцата ме гледаа со очигледно неверување и се смееја.
„Сепак“ продолжив, „нашите семејства решиле да ни ги задржат оригиналните имиња. Имав среќа да ме дадат во добра фамилија, иако тоа било во Македонија, па сега имав можност да дојдам тука и да се најдеме со мојот одамна изгубен брат близнак, после толку време. Не е дека не сме задоволни, јас имам сестра од супер родители што ме посвоиле и мачка, а брат ми има уште еден брат и супер родители.“
Двајцата се смееја. Начо ме потапка по рамото и продолжи да организира нешто. Сандро со насмевка побара уште приказни од неговата сестричка.
* * *
            „Леле Панос, ги носиш сите овие работи? Што е ова, маслинки, сарми, алва... Ха, македоники алва! Гледаш дека е наше?“ се смеев.
            „Да бе, така пишува“ се насмеа и Панос.
            „Сармата е турска работа“ дофрли Емре.
            „Не, не. Вие ја украдовте од нас!“ продолжи да се смее Панос.
            „Се е македонско, само така ве лажат“ забиберив јас „а може и да направиме една маса истите јадења ги имаме сите три земји“ предложив. Се смеевме сите и знаевме дека никој нема да се налути на никого.
Емре ме праша која песна планирам да ја пеам на интернационална вечер. Не знаев точно која, само се обидував да ги избегнам најпознатите што стално се пејат.
„Нема да ја пееш Македонско Девојче?“ ме праша разочарано.
„Сакаш да ја пеам таа? Ти се допаѓа?“ го прашав заинтересирано.
„Да.“ се насмеа.
„Нема проблем, таа ќе ја пеам“ му вратив. „Знаеш, треба да ти се заблагодарам“ му реков, а тој зачудено ме погледна. „...поради вас турците, ги имаме најдобрите традиционални песни на светот“ и се насмеав. Малку му падна незгодно, ама виде дека не мислам лошо па и тој се насмеа.
Кога ја пеев песната, ме пратеше со мелодијата и по некој збор од текстот, придружен од останатите Балканци.

* * *
                Беше забрането да се прави галама, па штом ја напуштивме забавата излеговме надвор.
„Да одиме понатаму, негде во шумичката“ предложи некој.
Хостелот беше на мал рид, опкружен со борова шумичка со патеки за   движење наоколу. Имаше паднати трупови од дрва и големи камења за седење и насекаде по земјата имаше паднати иглички. Неколку високи лампи даваа слаба светлина колку да се отцртаат силуетите на скалите по кои се симнувавме. Беше свежо иако преку целиот ден грееше сонце како во лето.
Седнавме - кој на еден голем камен кој на земјата со игличките. Унаи почна да свири некои стари хитови и направи да се почуствувам како дома, кога со другарите правиме свирки во паркот. Свиреше прилично добро, па сите пеевме и уживавме во прекрасната ноќ.
Во една пауза да ги згрее прстите ме праша
„Дај посвири нешто да одморам и да се стоплам малку“.
Ја зедов гитарата во моите раце и сфатив колку ми недостигала. Не се сеќавав на многу песни, но се сеќавав на сите акорди.
„Ајде, некоја македонска!“ дофрли некој.
Ги допрев жиците, една по една, сите. Пробав да се потсетам на некоја песна што порано знаев да ја свирам.
„Песната се вика Милион Долари, од еден од најдобрите македонски рок бендови - Архангел“ им соопштив.
Како што започнав, се сетив на сите акорди, на сите стихови, скоро како никогаш да не сум престанала да свирам. Додека пеев, сите внимателно слушаа иако не разбираа ниту збор. И покрај тоа, знаев дека преку ушите, песната им продира во срцата.
* * *
2 коментари | за печатење | прати по e-mail | 522 пати прочитано   #

31 август 2006

Ку-ку часовник


Цитат од конкурсот на Темплум:


Најдобриот конкурс до сега! Не само квантитативно (добивме дури 97 раскази од 42 автори!:), туку и квалитативно... И не само што овојпат имавме најмногу солидни раскази туку, наш  впечаток е дека имавме најмалку лоши! Самиот факт што двајца, повеќе-помалку, веќе прилично изградени млади писатели, Гето Руди и Ѓорги Крстевски, не влегоа меѓу трите најдобри - најдобро зборува дека нивото на последниот конкурс беше високо!

Се случи и долгоочекуваното: конечно имаме девојка на врвот! Од дваесеттината девојки кои ни ги испратија своите дела, неколку од нив навистина имаа мошне мошне пристојни раскази - што се гледа од оценувањето на жирито...
Според нас, значи, најдобриот расказ во периодот август-септември е „Ку-ку часовник“ на авторката со псевдоним She(
www.taa.blog.com.mk). За неа и отпорано (пред сè од блогот) знаевме дека има мошне сталожен, прецизен и луциден ракопис, без многу припотресувања но убиствен во својата мирнотија... Овојпат She отишла чекор понатаму и покажува некои други писателски квалитети кои досега можеби не беа доволно истакнати: создавање впечатливи, дури филмски слики со релативно скудни потези (што е мајсторство:) и една, би рекле, психоаналитичарска ориентација со многу интересни сексуални и интроспективни импликации... (Го спомнуваме ова, почитувани електролит(к)и, зашто во голем дел од вашите раскази сексуалноста и интроспекцијата се меѓу поважните теми...) She мошне креативно, ама ненападно, дискретно, успеала да создаде силен психолошки впечаток одејќи по рабовите на темите, не напаѓајќи ги фронтално и директно... Стратегијата на нешто-што-наликува-на-сон помага, но авторката добро направила што својата слоевита фантазија конвенционално не ја прогласила за сон.:)



31 Август, 2006 - 00:35

испратено на Електролит август/септември (p.s. и победено)


Чекајќи превоз во едно мало село на Југот, виде како еден автомобил седан закочи на паркингот. На возачкото седиште беше Мила, една познаничка - пријателка на пријатели. Внатре беше со уште две другарки, сите за нешто се смееја и викаа. Ја поканија да ја превезат до поголемиот град и таа прифати иако потајно никогаш не ги сакала – тие беа екстра популарни, покондирани тикви без мозок, кои на нејзино чудење секогаш ги добиваа добрите мажи. Всушност, ги мразеше. Во автомобилот седеше цврсто држејќи се за рачката, зашто за малку неколку пати не паднаа во ендек на планинските кривини. Сфати дека сите се пијани до бесвест и ја обзеде страв. Ги замоли да ја остават на првото место каде што има луѓе. „Ах, Тања... подобро на непознато место отколку во ендек“ си помисли.
Беше доцна во ноќта и реши да преспие во мотелот до паркингот каде што ја оставија, чекањето автобус во таа доба ќе беше залудно. Како што влезе во мотелот, забележа убаво дотеран батлер на рецепција кој и’ додели соба за двајца и и’ покажа каде се наоѓа ресторанот.
„Вечерата се служи точно на полноќ“, рече, се поклони и исчезна.

Собата беше веќе дополу полна, имаше некоја девојка од Швајцарија која се шеташе наоколу без алишта. Беше добро градена, цицките и беа еднакви и имаше бразилска депилација. Иако ја погледна само за момент, Тања се засрами, но помисли дека Швајцарките толку се слободни пред сите бидејќи „го немаат нашиот менталитет“. Нешто слично на тоа што надвор од земјава сите се сончаат топлес, но никој не го прави тоа во Охрид или Струга.
„Хај!“ весело рече Швајцарката.
„Хелоу...“ тивко возврати Тања свртена кон ѕидот.
Иако не можеше повторно да ја погледне, и’ завидуваше на младоста и на совршеното тело. Своето, не го сакаше многу поради виснатиот стомак, гради и задник со рапава кожа кои и’ останаа по прекинатата бременост. По кој знае кој пат си помисли каков ќе беше нејзиниот син и повторно и’ навреа солзи на очите.

Имаше уште десетина минути до вечерата, па реши да прошета наоколу. Низ ходниците и салонот имаше слики со актови на жени од ренесансата кои сега би биле сметани за дебели, а во лобито гордо стоеше еден голем часовник од темно дрво во кој слободно можеше да застане човек. Во дневниот престој имаше голем телевизор со рамен екран, неколку маси со удобни столици полни со големи везени перници и богато нацртани ѕидови. Разгледувајќи се запрепасти кога забележа дека сите(!) луѓе слободно си шетаа наоколу... голи!
Веднаш си ги покри очите од срам, но никој не и обрна внимание и таа ѕирна низ прстите. Во некои од нив дури и се препозна себеси. Имаше стари, млади, дебели и слаби, целулитни и згодни, средени и недепилирани. Сите се однесуваа најнормално, читаа списанија, пиеја кафе, гледаа репризи од „Вил и Грејс“ на телевизија, разговараа за новиот бестселер на Пауло Коељо... но сепак! Беа голи! Не можеше да го прифати тоа како разумно и истрча избезумено накај собата.
Гледајќи зад себе да не ја следи некој, се удри во некого. Во него препозна еден добар другар од средно, кој го немаше видено веќе петнаесет години. И тој беше гол како и останатите гости, па таа упорно се обидуваше да го гледа во лице иако погледот неколку пати и’ падна надолу. Направија муабет, во стилот „шо прајш, како си“ но немаше сила да го праша зошто сите се без облека. Тој забележа дека е збунета (покрај тоа беше единствената облечена гостинка во хотелот) и смирено почна да и’ зборува.
„Не сакаме веќе да се срамиме од она што сме, од жени што не смеат да дојат дете на јавно место, од мажи што сметаат дека тоа што им е скриено во гаќите им е најголема доблест. Овде луѓето доаѓаат да се пронајдат себеси.“

Го ислуша упорно гледајќи го в очи, а потоа со бавни чекори се оддалечи кон својата соба патем повнимателно загледувајќи ги сликите по ѕидовите.
Застана меѓу двата кревети, пред огледалото. Стоеше без да трепне, без да мрдне, гледајќи во него. Стоеше и стоеше.. опкружена од празна тишина. Наеднаш снема струја, но таа не се помрдна и во мракот се обидуваше да ја препознае својата контура во огледалото. За неполна минута, струјата се врати.
Стоеше во непроменета положба, пред огледалото, но овој пат во него како да се гледаше за прв пат во својот живот. Гледајќи се, Тања ги турна прерамките од рамената и нејзиниот зелен фустан падна на земјата. Ја соблече и долната облека и повторно стоеше пред огледалото, без да трепне, без да мрдне, исто како претходно.
Од таа состојба ја освести ку-ку часовникот од лобито на мотелот кој чукаше дванаесет пати, за полноќ. Нагло се сврте кон вратата како часовникот да беше зад неа, уште еднаш длабоко се погледна во огледалото и отиде во трпезаријата да вечера.