19 Февруари, 2007 - 20:11
...на Дедо ми
Ми требаше една доза на google maps за да се вратам назад...
Воденица е местото каде што прадедо ми имал воденица за мелење брашно. Некои од камењата сеуште стојат гордо наликувајќи на ѕид. Тоа бил оној прадедо што го испуштил Титаник за малку, а потоа отишол во Чикаго на печалба и кога се вратил со куфер злато во околината на родниот град купил се до каде му фаќало окото...
Сега, секое лето одвај чекавме да одиме; си ги земавме петките од училиште и веднаш потоа одевме со сестра ми и братучедите да седиме таму со месеци, на Воденица, каде срцето на дедо ми отсекогаш се наоѓало. Имал шнајдерски дуќан во Старата Чаршија, со седум чираци, и секогаш велел дека „Сингерката“ што сеуште ја има е мајка на таа куќа каде што одевме.
На Воденица се копаа ниви, цвеќиња, кругови околу дрвцата. Се полеваше дворот, се береа цреши, јаболка, сливи, се чукаа ореви, се вееше грав, се корнеа моркови. Се вареше ракија, се потпалуваше огнот, се правеше „топеница“ од сабајле, се одеше на вода со бардиња, се пееја песни за момето што одело на вода како нас. Се рипаа вирови, се лееше вода, се собираа чаури низ планината, се береше планински чај и диво цвеќе. Се бркаа овци, се јаваа шарпланинци, се задираа коњи, се тепаа оси, се собираа муви, гуштери, скакулци, желки.. Се јадеа леб и сирење, лубеница на резанки, се пиеше пресно козјо млеко од кај Јаневци. Се бањаше со згреана вода од буре, се мочаше во полскиот клозет во двор, се переа алишта на рака во корито. Се играше фудбал со крпи, бејзбол со откорнати штици, се паѓаше и стануваше со крвави колена и лакти. Се шеташе бесцелно, се прпелкаше во сувите треви, се лежеше во наросена детелина. Се набљудуваше езерото од највисоко и се гледаше како сонцето заоѓа зад рудникот за мермер. Се раскажуваа приказни, се гореа комарци, се пробуваа стари алишта, се читаа стари броеви Политикин Забавник, се гасеа газиени ламби за, лежејќи на сунѓерот за кревет изваден на тераса, да се гледаат... ѕвезди повеќе отколку што може да се замислат.
Нема коментари:
Објави коментар