08 мај 2007

Недела

8 Мај, 2007 - 20:30



Овој расказ заедно со „Два погреба и венчавка“ беше испратен на жанровскиот конкурс за Електролит март/април... овој беше само пофален и ќе биде објавен во следната Маргина, додека трето место освоила Ина Пешевска со симпатичниот расказ „Недела, слатка недела“, кој се разбира не е „краден“ од ниедна страна (тој на Ина е пуштен на конкурсот после мојот, така што нема шанси мојот да потсетува на нејзиниот) иако во критиката тие два се споредени и не само по насловот „Недела” од Ши (од жанровскиот конкурс) - не само насловот потсетува на расказот на Ина Пешевска: самосвесна и самосвојна женска проза со нагласен “женски” ракурс; зад тврдоста и самосвесноста сепак пробиваат нежни лирски тонови и потребата од љубов, признавање и разбирање, не?:-).“ Прво место освоила Нада Бувљак со расказот „Наследство“. Им честитам на сите! А мојот расказ се мислев дали да воопшто да го објавам, сепак еве го, а после овој неуспешен обид за пишување на откриен интимен расказ, ќе си се задржам на пишување скриени интимни раскази :) А да, и не пишувам веќе на жанровскиот конкурс:)
Недела
Таква беше рутината - секоја Недела попладне како по таен договор, тој доаѓаше кај неа. Јадеа индиска храна, гледаа филм на пиратско ДВД, имаа секс, па таа го бркаше да си оди пред да дојде 2 еј-ем. Преку цела седмица повремено се слушаа, се гледаа овде-онде, но знаеја дека ништо не испуштаат и дека следната Недела како и сите останати ќе биде само нивна.
Таа Недела, тој отиде до ресторанот за индиска храна, потоа купи филм од некоја дива тезга, и за прв пат сврати до цвеќарница за неа. И’ купи еден голем убав Сончоглед, за кој одамна знаеше дека е нејзино омилено цвеќе, но знаеше и дека таа мрази подароци колку што ги мрази ружите. Се наоружа со храброст, со Сончогледот во одбранбени редови и заѕвони на вратата. Беше изненаден од пријатното заблагодарување, и таа веднаш го стави цвеќето во шарената вазна на трпезариската маса.
Оваа Недела нешто беше поразлична од другите, ни самиот не знаеше зошто. Го изгледаа лигавиот романтичен филм додека јадеа од книжните тањирчиња со отпакувана алуминиумска фолија од страните. „Чудно“, си помисли тој, но таа како да беше разнежнета од филмот. Или од Сончогледот, можеби.
За миг по почетокот на одјавната шпица, алиштата се влечеа по подот околу троседот, а тие се најдоа во таква прегратка, од каква што никој никогаш не би можел да ги оддели. Се движеа во ритамот на звуците што заедно со раната пролет доаѓаа низ отворениот прозорец. Неа за прв пат во мислите не и се мотаа прашања дали е доволно убава, дали косата и е доволно сјајна, дали кожата и мириса на лаванда или дали тој нема да примети дека и потпораснале влакната на нозете. Таа Недела, за прв пат заедно се искачија до сите врвови натрупани од енергија што двајца може да ја чувствуваат еден за друг. Сеуште задишана од брзиот ритам на срцето, како да се струполи врз него и го зтскри нејзиното лице во неговата прегратка, а тој почувствува солзи на неговиот образ. Таа Недела, таа целосно му се препушти и тој тоа го знаеше. Облеана во солзи, со потечено лице и црвен нос, таа сеуште му изгледаше како најубавата жена на светот. Ја сакаше повеќе од се, сега, кога знаеше дека конечно е негова. Таа се поттргна колку да го гледа во очи. „Глеј повреди ме... ќе ти ги исечам јајцата“ низ солзи и смеа му рече. Тој се насмеа и цврсто ја гушна, преплетувајќи ја едната рака во нејзината коса како што во тој момент беа испреплетени нивните тела.
Таа посебна Недела, во 2 еј-ем, за прв пат таа не го избрка да си оди.